Копров ќе му оддаде почит на Илиевски на Охрид Фест: Влатко нема да биде заборавен!

by fokus

На јубилејниот, 25-ти Интернационален музички фестивал “Охрид Фест – Охридски трубадури“ ќе му се оддаде почит на рок и поп пејачот Влатко Илиевски, кој со години наназад беше помеѓу учесниците на истиот.

Влатко, кој почина на шести јули годинава, не криеше дека Охрид Фест е една од неговите омилени манифестации на која со задоволство учествува. Токму и неговата последна песна ,,Дајте му ја’’ беше снимена за фестивалот и ја изведе на сцената покрај крајбрежјето лани, во септември.

Првиот човек на фестивалот, композиторот Григор Копров вели дека Илиевски дефинитивно заслужува посвета на фестивалот, но сеуште се преговарало дали тоа ќе биде постхумна награда за неговиот придонес за Охрид Фест или пак меморијална награда која ќе го носи неговото име.

-Смртта на Влатко ме погоди многу. Тој ми беше како син, бев врзан со него на посебен начин. Секако дека ќе му се посвети дел од фестивалот, но наредната недела треба да одржам состанок со целиот тим и да прецизираме точно на кој начин ќе биде тоа реализирано. Меморијална награда, постхумна благодарница, сеуште не знаеме точно. Илиевски настапуваше над десет пати на оваа манифестација, има освоено многу награди, во 2009 година на поп вечерта го освои првото место од жири и публика за песната ,,За љубов се пее до крај’’ која ја изведе во дует со Ристо Самарџиев, за истата песна освои награда од публика и на интернационалната вечер. Никогаш нема да биде заборавен и ова е само мал начин да му оддадеме почит – ни изјави Копров.

Јубилејниот фестивал ќе се одржи на шести, седми и осми септември годинава, а ќе учествуваат над 70 познати музички имиња од земјава и регионот.

Карлос (Бугарија), Жак Худек, Владо Калембер (Хрватска), Елизабет Христоу ( Грција), Ален Исламовиќ (БИХ), групата “Балканика’’(Србија), Мерима Његомир (Србија), се само дел од гостите чие присуство е потврдено. Од кај нас ќе настапат Благица Павловска ,’’Скопски боеми“,Петар Нечовски, Нино Величковски,Милица Кузмановска, Милован Секуловски,„Молика“,Зоран Христов, Даниел Кајмаковски,Огнен Здравковски,Пепа, Денис Димовски, Лена, Ѓоко Ѓорчев, Жармена и многу други.

Пренос во живо ќе има на повеќе телевизии: Балканика – Бугарија, Бел ами – Србија, Коперникус – Србија, ТВ Z1 – Хрватска, CMC (Croatian Music Channel –Хрватска , Хајат – Босна и Херцеговина, Визион плус – Албанија, ТRT – Турција, ТВ Шансона – Русија и австралиската сателитска ТВ INTV.

Вики Клинчарова

Поврзани новости