Копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески, заминува за Бугарија, откако деновиве го нападна жител на селото Велешта. Тој ќе биде пренесен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Бугарија, откако се пожали дека не е задоволен од третманот во струшката болница.
Бугарската БНТ објави дека тој тврдел дека се плаши за својот живот.
Кадриески е државјанин на Македонија. Тој нема бугарски пасош, но тврди дека има бугарски идентитет.
Македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси – Попоска денеска е повикана во бугарското Министерство за надворешни работи на средба со генералната директорка за европски прашања Славена Гергова, поради тепачката во Струга.
Македонското Министерството за надворешни работи вчера ги повика бугарските политички субјекти и бугарската јавност да дозволат македонските државни институции да го расќистат случајот во кој Кадриески беше претепан од жител на струшкото село Велешта.
Министерството за внатрешни работи пак соопшти дека веднаш интервенирале и дека случајот е раќистен, а тепачката е заведена како нарушување на јавниот ред и мир и дека не веруваат дека станува збор за тепачка од омраза, како што тврдеа бугарските медиуми.