Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е независен енергетски регулатор што работи транспарентно и професионално и се смета за најдобар регулатор две години по ред во рамки на сите девет договорни страни на Енергетската заедница (ЕЗ). Не можам да проценам дали зголемувањето на цената на електричната енергија од 7,43 отсто беше точно вистинското, но верувам дека независната РКЕ со своите познавања донела правилна одлука, порачува директорот на Секретаријатот на ЕЗ, Јанез Копач во интервју за МИА.
Според него, барањето за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 46 отсто по примерот на некои од соседните земји, што беше истакнато на протестите против поскапувањето на струјата, би било сосема нереално ако се има во предвид дека земјава е нето увозник на електрична енергија.
-Во согласност со законодавството на Енергетската заедница, РКЕ сe уште ги регулира цените на крајните корисници за домаќинствата како мерка за заштита на оваа категорија потрошувачи од преголеми зголемувања на цените. Оваа регулатива треба да ги земе предвид и да ги рефлектира трошоците. Не може само да се следат желбите на некои политичари, вели Копач за МИА.