Денеска во Собранието на Македонија, по завршените парламентарни избори и конститутивната седница, ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите.
Како што е најавено ќе се договараат законите поврзани со промените на министерствата во Владата.
Претседателот на Собранието Гаши потврди дека ќе има средба и дека ќе се разговара за следните активности, како и за тоа кога би можело да се одржи седницата за промена на бројот на министерствата според најавите на новиот мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски.
На денешната координативна седница ќе се договара динамиката на седниците на надлежните собраниски комисии, а потоа и пленарната седница.
Собранието треба да ги донесе законските измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови.
Исто така, и измените на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.
Официјалните информации во однос на преговорите за состав на Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се дека разговорите се уште траат.