Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска се очекува денеска на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното – сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје. Сепак, велат од советничките групи, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на денешната средба, која треба да започне во 11 часот.
Синоќа во телевизиско интервју на прашањето дали денеска е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа рече дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.
-Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но таа средба не беше отворена за јавноста па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план, додаде таа.
Како што рече, првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје, поради недостаоткот на автобуси и дотрајаноста на оние што ги имаме во овој момент. Арсовска рече дека се финансиски консолидирани и тоа можат да го направат и од сопствениот буџет.