Конзилијарното мислење за Леонид: „Нема каде да се лекува во земјава“

by Fokus

Конзилијарното мислење со кое 18-годишниот Леонид Индов беше испратен на лекување во странство,затоа што се исцрпени сите можности за негово лекување во земјава, го потпишале на 25 јануари оваа година тројца доктори, заедно со медицинскиот и организацискиот директор на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ (Tрауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар), објави Мета.

Документот до кој дојде Мета.мк јасно покажува дека младото момче кое во февруари со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР беше пренесено во Виена, а за кое Фондот сега даде негативно мислење за негово лекување во странство, според конзилијарното мислење на надлежните лекари – навистина нема каде да се лекува во земјава. Спротивно на ова, од Фондот за здравство, пак, тврдат дека Леонид може да се лечи во некоја од установите во земјава со кои имаат склучено договор.

„Неможност да се спроведе соодветното лекување или некоја од фазите на лекувањето во здравствените установи во Република Македонија“. Ова е основната причина поради која Леонид треба да се испрати на лекување во странство, според тројцата доктори од УК ТОАРИЛУЦ.

Но, првостепената комисија од ФЗО на чело со Соња Петрова, одлучила спротивно на ова. Од Фондот за здравство вчера изјавија дека стојат зад ваквата одлука, бидејќи не станувало збор за лекување, туку за „медицинска рехабилитација“.

Таткото на Леонид, Бранко Индов, бара од надлежните да му соопштат која е таа здравствена установа која може да го прими и спаси неговиот син.

Лекувањето на Леонид во Виена за шест месеци чини 300.000 евра. Половина од сумата веќе беше собрана преку донации и преку заштеди на семејството. За другата половина од сумата, се очекуваше Фондот да ги покрие средствата.

Поврзани новости