Концесионерот на Охридското езеро ја загуби лиценцата поради негрижа за рибниот фонд

by Fokus

По речиси половина година стопанисување со Охридското езеро и рибниот фонд во него, државата и ја одзеде дозволата за концесија на фирмата Летница Белвица од Струга.

Како што информираше денес министерот за земјоделство Трајан Димковски, концесијата била одземена поради утврдените нерегуларности во работењето и непочитување на договорот, од страна на концесионерот кој не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибниот фонд, што било спротивно од договорот. Инаку рибари од Охрид и Струга  неодамна обвинуваа дека биле ангажирани со договори и оти никој не водел евиденција за уловената риба.

„Ако го земат локалните власти на Охрид, Струга и Поградец, ќе се добијат едни локални власти, економски јаки, да можат да ги решат сите економски и еколошки проблеми во сливот во Охридското езеро, нешто што го бара и УНЕСКО. Неминовно е да го земат и да се чува сателитски“, рече Лазо Наумоски-екологист.

Наумоски вели дека состојбата со рибниот фонд во Охридското езеро е алармантна особено со пастрмката и белвицата. Истребувањето на рибите, според Наумоски е поради воведувањето на високите летечки мрежи во 1986 година, како риболовен алат.

„Приватниот концесионер шест години колку што го зема под концесија, гледа да излови што повеќе риба. Него не го интересира за последиците кои ќе настанат“, додава Наумоски.

Од Министерството за земјоделство најавија дека ќе биде објавен нов јавен повик. Концесионерот Милорад Чавковски не сакаше да коментира ништо. Само рече дека за понатамошните негови чекори, ќе одлучува дополнително.

Поврзани новости