Популарната хрватска поп група „Нови Фосили“ ќе одржи концерт во Скопје на 9-ти април, во Македонската филхармонија, и настанот ќе биде дел од нивната турнеја за збогување со публиката.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, по 55 години на сцената, членовите на бендот решиле дека е време за проштална турнеја.
– Зад нас се многу години, многу работи поминавме заедно. Време е. Но, кога веќе се простуваме, тоа ќе го направиме како што треба – изјави вокалистката Сања Долежал за Глазба.хр.
Освен во Скопје, групата ќе одржи концерти во повеќе градови во поранешните Југословенски републики, а во ноември ќе го одржат последниот настап во Арена Загреб. Концертите се најавени како настани за сите генерации и Долежал вели дека се среќни што песните им ги слушаат и млади и стари.
Концертот во Скопје ќе биде нивно гостување во земјава по три децении пауза, а влезниците по цени од 1.500 до 2.100 денари се пуштени во продажба.
Вики Клинчарова