Поради најавата за невреме и лоши временски услови, најавениот концерт на групата ,,Меморија” наместо на стадионот на АРМ, ќе се одржи во спортската сала А1 Арена, на истиот датум, односно на 11-ти јуни, информираат организаторите.
Купените Партер влезници важеле, исто така и Фан Пит влезниците, додека пак за веќе купените влезници за седење на стадионот на АРМ, по цена од 1.200 денари, информираат дека сега во салата ќе можат да влезат две лица со една влезница.
Имало уште околу 2.500 слободни места за седење, а влезниците се продавале по цена од 700 денари.
Околу првичната најава, дека настанот ќе го отвори младата група ,,2BЕ” (Ту Би) на која ќе и се придружи повратникот од Америка, поп пејачот Ламбе Алабаковски, по случајот со неговото приведување утринава, откриваат дека отворањето ќе се случи без него.
-И ние денес дознавме од соопштението на МВР дека тој е уапсен, никој ништо не знаеше. Отворањето ќе биде без него, бидејќи и ,,2BЕ” беше планирано да настапи како предгрупа за загревање, со изведби на македонски поп-рок хитови – ни изјавија од организацијата.
Вики Клинчарова