Во пријатен амбиент на старата неготинска чаршија синоќа се одржа концертот на поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, со кој обележа 32 години на музичката сцена. Стотици почитувачи на делото на музичарот, негови блиски пријатели и сограѓани беа дел од настанот кој започна како концерт, а потоа спонтано се претвори во една заедничка дружба, каде Ѓорчев и публиката постојано комуницираа, споделувајќи досетки, анегдоти и приказни за минатите времиња.
Иако е во седмата деценија од животот, вокалот на Ѓорчев е се уште исто моќен како во времето кога се појави на естрадата. Отпеа голем број на светски хитови, но и негови авторски песни кои му ја одбележаа кариерата. Се покажа и како добар шоумен кој помеѓу песните раскажуваше случки уште од своите музички почетоци, настани од фестивали, кога во времето на поранешна Југославија имаше концерти низ целиот регион, рамо до рамо со многу музички ѕвезди.
Неговите музички гости – Кате Соната, Перо Христов, Трио Џентлмен и Трифун Костовски само уште повеќе ја збогатија вечерта со внимателно избраниот репертоар. Се пееа романтични евергрини, додека публиката го следеше настанот сместена на масите пред бината, и вечерта помина во знакот на медитеранскиот призвук. Раскажа дека најтешко е да се пее во својот роден град, пред своите луѓе, бидејќи тогаш одговорноста и очекувањата биле најголеми. Ѓоко не заборави да ги спомне и оние кои повеќе не се со него, неговиот татко, брат, братучедот Бранко Ѓорчев, колегата Мирче од Интервали…
Кажа дека додека стои на сцената, го има чувството дека и тие се покрај него, дека верува како ги направил горди. Од првиот ред го бодреа сопругата Благородна и ќерката Александра, а поддршката доаѓаше и од негови бројни пријатели, кои дојдоа во голем број, па целиот настан проткаен со музика и спомени од минатите времиња, беше како едно патување низ времето. Концертот траеше околу три часа. Го заврши со неговите песни кои оставија најголем траг во кариерата, „За еден ден молам“ и дуетот со Катерина Танева „Последен танц“. Вети уште многу музика во иднина, заблагодарувајќи им се на сите кои стојат покрај него во сите овие години.
Вики Клинчарова