Популарниот трап музичар Христијан Настески (23), познат на сцената како Пајак, ќе одржи концерт на градскиот плоштад во Неготино утре, во склоп на забавата ,,Back to school”, за среќен почеток на учебната година.
Настанот е во организација на Општина Неготино и ќе започне во 18:40 часот со настап на учениците од ОМУ Владимир Арсовски, по нив на сцената ќе се појават Сани и Стела, а од 20 часот започнува концертот на Пајак.
Како што информираат од општината, сите се добредојдени на забавата по повод започнувањето на школската година.
Инаку, охриѓанецот Пајак потекнува од музичко семејство, и уште како дете додека го слушал татко му како свири на гитара, кај него се родила љубовта кон музиката.
На сцената се појави пред околу четири години и веднаш ги освои симпатиите на помладата публика. Неговите видео записи имаат милионски прегледи на музичкиот канал Јутјуб, и веќе стана препознатливо име и во регионот.
Вики Клинчарова