Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски ќе одржат предновогодишен концерт во Скопје. Настанот ќе се случува во Македонска филхармонија на 23-ти декември, а влезниците по цена од 1.200 денари од денес се пуштени во продажба.
Како што известува Авалон Продукција, со секоја купена влезница ќе следува физичко издание од албумот, чии песни ќе бидат изведени пред публиката во Скопје, додека албумот ќе биде достапен на сите дигитални платформи на 24ти декември.
-Со големо задоволство ви го претставуваме проектот ,,Песни за љубов и копнеж” од Каролина, Дуке и Исмаил, кој во пакет претставува студиски албум и концертна промоција на истиот која ќе се одржи на 23ти декември во Македонската филхармонија.
Македонската публика ќе има навистина ретка можност во живо да слушне песни кои имаат есенцијална вредност, изведени од тројца врвни уметници кои добар дел од својата днк – а ја вложија во создавањето на овој проект.
Албумот ,,Песни за љубов и копнеж” е сочинет од 11 од најубавите, подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20-от век – златната ера на македонската забавна музика, потпишани од некои од некои нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…
После бројни настапи и соработки на Каролина, Дуке и Исмаил, идејата за овој албум се роди во 2016та година, по што внимателно се работеше на неговиот концепт, бирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде ,,нов живот” на некои од најубавите песни на домашната забавна музика.
После скоро две години од неговото завршување, Каролина и нејзиниот беспрекорен вокал, Дуке и неговата уметничка и аранжманска генијалност и импровизациската моќ на Исмаил за прв пат ќе го претстават проектот ,,Песни за љубов и копнеж” на ексклузивна концертна промоција во Македонската филхармонија-информираат од Авалон.
Вики Клинчарова