Алжирската боксерка Иман Келиф, освојувачка на златниот медал на Олимписките игри во Париз, во иднина својата кариера ќе ја гради во професионални води, изјави таа за медиумите во својата земја.
На прес-конференција организирана од Олимпискиот комитет на Алжир, олимписката шампионка во категоријата до 66 килограми зборуваше за плановите за продолжување на кариерата.
„Наскоро ќе го направам тој чекор и ќе почнам професионално да боксувам. Во Алжир сите сакаме да видиме што можеме да направиме професионално“, изјави 25-годишната Иман Келиф.
Келиф го освои златото во Париз со убедливи победи и едногласна одлука на судиите.
Таа и тајванската боксерка Лин Ју Тинг беа во центарот на вниманието поради тврдењата дека не треба да се натпреваруваат во женска конкуренција бидејќи минатата година беа дисквалификувани од Светското првенство во Индија.
Меѓународната боксерска федерација (ИБА) тогаш објави дека резултатите од одредувањето на нивниот пол се неубедливи, но не достави документација.
Меѓународниот олимписки комитет го одобри нивното учество на олимпискиот турнир бидејќи беше организатор на тој натпревар, наместо суспендираната ИБА.
Келиф беше една од главните приказни на ОИ веднаш по првата борба, бидејќи Италијанката Ангела Карини и ја предаде борбата по 46 секунди, велејќи дека никогаш не била толку силно удрена од жена.