Контроверзна одлука: Сметководителите договориле минимални цени, кои се за три пати повисоки од досегашните!

by Фокус

Институтот на сметководители и овластени сметководители во Македонија донел контроверзна одлука за усвојување на акт за висината на минималните трошоци за вршење на книговодствени работи и надомест на сметководствени услуги, преку кој всушност се регулира видот на услугите и се пропишува висината на надоместоците, што се задолжителни за давателите и корисниците на овие услуги.

Како што открива одлуката до која дојде Фокус, собранието на ИСОС одлучило колку ќе плаќаат компаниите за финансиско евидентирање на прием калкулации и/или влезни и излезни фактури, книжење на банкови изводи, слагање на картица, така што, според оваа одлука, најмалку треба да плаќаат оние со годишен приход до 400.000 денари и имаат до 5 вработени (2.000 денари), додека најмногу оние со годишен приход од над 200.000.000 денари (61.500 денари).

Освен тоа што се издвојуваат уште 13 различни категории на компаниии, за кои се предвидени исто толку цени во зависност од приходите што ги остваруваат на годишно ниво, во оваа одлука се наведува дека „надоместокот за изготвување на годишна сметка и финансиски извештаи за сите клиенти ќе изнесува дополнително колку една минимална месечна надокната наведена во меѓусебниот договор“.

Воедно, одлуката предвидува дека изготвување на годишна пресметка за неактивни клиенти ќе чини 9.000 денари, консултантски услуги од областа на сметководството и финансиите ќе чинат 2.460 денари од еден час, додека писмено мислење и консалтинг од областа на сметководството и финансиите ќе чини 6.150 за еден час.

Токму поради оваа одлука донесена од собранието на професионалното здружение во кое се организирани сметководителите во земјава, врз основа на која, пак, управниот орган на здружението треба да донесе акт за споведување на одлуката, компаниите периодов се соочија со известување од сметководителите за новите регулирани цени, кои, според нивните кажувања, се за три пати повисоки од оние што ги плаќале досега.

Упатените со кои разговаравме објаснуваат дека не е спорно да се регулираат цени на бензин, лекови и други специфични продукти, или, пак, да се пропишува препорачана или максимална цена, меѓутоа проблематично е кога се утврдува минимална цена, бидејќи, според нив, освен што го нарушува принципот на конкурентноста, тоа и е противправно.

Имено, одлука за минимални цени на сметководствените услуги се повикува на статутот на здружението, кој во членот 31, став 14, предвидува дека управниот одбор на здружението ги „предлага и утврдува критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги“, но во него и во ниту еден друг правен акт не стои можност здружението да пропишува конкретни цени на сметководствените услуги.

Пред неколку дена, здружението на сметководители објави дека во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година се спровеле активности во врска со утврдување на критериумите за утврдување на цената на книговодствените и сметководствените услуги, со цел подобрување на статусот сметководител и овластен сметководител и квалитетот на нивните услуги, но нема известување дека биле утврдени минимални цени.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, се очекува деновиве да реагираат од Антимонополската комисија и од Министерството за финансии, од каде треба да ја стават оваа одлука вон сила, со цел да не произведува никакво правно дејсвие и обврска ниту за сметководителите, како даватели на услугите, ниту за компаниите, како корисници на услугите, бидејќи за тоа нема никаква законска основа.

В.С.

Поврзани новости