Конти им ги собра парите на граѓаните, ама сите молчат и не пријавуваат во полиција, оти играле доброволно!

by Фокус

Конти, доста популарна пирамидална шема, на која се навлекоа бројни граѓани изминативе месеци, од вчера е згасната, а оние кои останале пократки за вложените пари, молчат за случајот.

Официјално, според информации од МВР, досега никој не пријавил за оваа потенцијална измама, односно оние кои ги изгубиле вложените пари, уште на самиот почеток, кога влегле во пирамидалната шема, на некој начин се помириле дека или многу ќе заработат, или ќе останат без влогот.

Ова не е прв случај во земјава, но и во светот, кога луѓе желни за брза заработка без работа и труд, инвестирале пари во сомнителна платформа.

Според она кое го кажуваат наши соговорници, играчи на Конти, првин се вложувале пари, и тоа од 50, па се до неколку илјади евра, се инсталирала апликацијата, се кликале лајкови на филмови, а се барале и нови луѓе да го сторат истото. Вложените средства им се враќале назад по околу еден месец, а потоа им следувала заработка.

Како и во други пирадимални шеми, кои во минатото биле актуелни, најголеми шанси за профит имале оние кои се вклучиле порано во играта. Но, иако свесни дека можат да ги изгубат вложените пари, илјадници граѓани без многу размислување се решиле на ризик, и вложиле во непроверената платформа.

Бидејќи плаќањето е во криптовалути, а кај нас како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство, играчите на Конти не плаќале данок. Не е незаконски, велат, туку едноставно во моментот не е регулирано.

Некои заработиле илјадници евра, некои заглавиле за огромни суми, се подигале кредити за да се вложи во Конти, се позајмувале пари од блиски луѓе…

-Знаевме дека целата работа е ,,Вложи колку што си подготвен да изгубиш”, и јасно ни е дека самите сме виновни за ситуацијата во која се најдовме. Не планираме да пријавуваме во полиција, оти сите играчи на некој начин го очекувавме моментот кога пирамидата ќе згасне, но сепак се надевавме дека ќе ни се посреќи и ќе заработиме некој денар. Познаваме лица кои се вклучија порано во игра и кои направија добри пари од истата, велат наши соговорници, кои сакаат да останат анонимни.

Денес на прес конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги повика лицата кои биле дел од Конти, да пријават во полиција, со цел да се истражи дали се работи за потенцијален криминал.

Потсети и на пирамидалната шема од 2022 година, кога бројни граѓани исто така водени од желба за брза заработка, останаа без големи суми на пари, но и на апелите на министерството да не се влегува во пазарот на криптовалути без доволно знаење и без информации како да се направи тоа на безбеден начин.

-Не треба да се даваат на никого доверливи лични податоци, фотографии од лични документи, банкарски картички, како и еднократни лозинки за апликации за банкарство преку Интернет или други податоци за овластување на банкарски трансакции, да побараат финансиски совети пред да дадат пари или да инвестираат средства, да се информираат и да побараат непристрасни финансиски совети пред да инвестираат пари кон понудите што ветуваат сигурна инвестиција, гарантирани приноси и голем профит, но и да стапат во контакт со полиција доколку се посомневаат во нешто, апелираа од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, уште пред две години, кога беше актуелна платформата Биг Комерц, во која тогаш вложиле пари неутврден број на граѓани.

Но, во случајот со Конти, не може, а да не се забележи ставот на многумина кои останале без влогот, дека не се чувствуваат измамени, бидејќи свесно влегле во шемата и од почеток знаеле за ризикот.

Она кое е поразително за општеството, на социјалните мрежи веќе се појавија нови платформи кои ветуваат брза заработка на пари, со мал влог, а под објавите има стотици коментари од лековерни граѓани, кои бараат дополнителни информации и се спремни да вложат средства.

-Сиромаштијата го прави своето! Очекувано е дека многу луѓе кои едвај го минуваат месецот со минимална плата, ќе се подлажат и ќе вложат во вакви платформи, со надеж дека ќе дојдат до брзи и лесни пари. Некои изгубија, ама некои пак заработија, затоа и во иднина пак ќе ги има овие пирамиди и пак ќе има голем број на граѓани кои ќе решат да си ја пробаат среќата, раскажува играч на Конти од Кавадарци, каде шемата беше масовно распространета изминатиот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости