И покрај најавата која доцна синоќа стигна од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Талат Џафери денеска ќе биде реизбран за претседател на Собранието, продолжувањето на конститутивната седница сè уште официјално не е закажано, пишува 360 степени.
Собраниски извори велат дека партиите се координираат, но никој не знае кога ќе продолжи конститутивната седница и дали тоа воопшто ќе се случи денеска.
Повеќе медиуми уште синоќа јавија дека во ДУИ постои незадоволство од дел од кадровските решенија на лидерот Али Ахмети за новата влада. Револтот, според пишувањата, е најизразен во разграноците на ДУИ во Чаир и во Сарај, а се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Според ТВ Алсат-М, вчерашната седница на Централниот совет на ДУИ ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Двајцата пратеници наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието и на новата влада.