Конститутивната седница во Собранието во рамки на која Талат Џафери беше избран за нов претседател на Парламентот е најдолгата ваква седница во историјата на парламентот, посочуваат од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во Извештајот од набљудување на квалитетот на собраниската дебата.
За овој период најголем процент од собраниските дискусии отпаѓаат на пратениците од опозицијата, или 81 отсто. Најактивен пратеник бил Илија Димовски, кој земал збор 132 пати, на второ место е Крсто Мукоски со 91 и трет е Зоран Илиоски со 77 дискусии.
92 отсто до репликите им припаѓаат на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и сите контра реплики за период од 27 март до 31 мај биле искористени од овие пратеници.
„Во 29% од дискусиите пратениците не презентираа никаков аргумент. Во половина од дискусиите аргументираноста е слаба (50%) односно недоволна за да се смета за еден целосен аргумент. Степенот на аргументација според политичка припадност покажува дека пратениците од мнозинството во своите излагања беа поаргументирани. Во 46% проценти е идентификуван најмалку 1 аргумент, а кај пратениците од опозицијата во само 15% “, заклучува истражувањето.
Институтот констатира дека на набљудуваните седници говорниците почесто се осврнувале кон личноста на другите пратеници, отколку кон аргументите.
„Говорниците во голем дел од дискусиите вметнуваа подбивни или поблаги навредливи изрази и напади кон личноста на своите колеги од спротивните политички опции“, велат од Институтот.
Според времетраењето најголема минутажа отпадна на процедуралните дискусии, вкупно 1.635 минути или повеќе од 27 часа. Репликите зафатија вкупно 1.596 минути – 26 часа, а контра-репликите 523 минути или скоро 9 часа.