Константин Георгиески: Млад живот згасна, да го чуваме сопственото и јавно здравје!

by fokus

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески изрази сочувство до семејството на 28-годишниот Лазар Секулоски, кој вчера ја изгуби битката со корона вирусот.

Тој е најмладата жртва од вирусот во Охрид, а веста за неговата смрт ја трогна јавноста.

-Како последица од Ковид-19 згасна уште еден млад живот. Со големо жалење ја примив веста за смртта на младото 28-годишно момче од Охрид. Упатувам сочувство до неговото семејство и до сите наши сограѓани кои изгубија свои блиски како последица на пандемијата. Исто така упатувам пораки за добро здравје и трпение до сите сограѓани кои во моментот ја водат битката со вирусот.
Уште еднаш апелирам за максимално почитување на актуелните мерки за заштита и превенција. Да бидеме внимателни, да го зачуваме сопственото и јавното здравје-порача градоначалникот.

Охриѓани на социјалните мрежи се простуваат од својот сограѓанин, кој живеел во Словенија, а се вратил во Охрид за да ја посети својата мајка, која имала карцином и била хоспитализирана. Тој бил дијабетичар и имал проблеми со тироидната жлезда, и откако се инфицирал со вирусот, состојбата нагло му се влошила. Починал на скопските клиники.

Беше погребан денес, на градските гробишта во Охрид, а семејството информираше дека поради ограничувањата во врска со пандемијата, секој кој сака може да дојде и да запали свеќа, а потоа да се тргне на страна.

Претставници од Македонската православна црква во Словенија пак, апелираат да се помогне материјално на семејството во овие тешки моменти.
-Знаејќи ја состојбата во која се наоѓаат неговите најблиски, да се помолиме на Господ за здравје и денови да и дари на неговата мајка најпрво, заеднички секој според своите можности да покажеме христијанско милосрдие, и барем во поглед на материјалното, колку – толку да им ја олесниме маката – објави Митко Поп Газинковски.

Изминатиот период вирусот во Охрид не стивнува. Во ковид центарот во градот денес се лекувале 109 пациенти. Според вчерашните податоци од Институт за јавно здравје во Охрид од почетокот на пандемијата се инфицирале 4.282 лица, починале 164, а активни се 896 случаи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости