Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, тврди дека неговата изјава дека регистерските таблици на изгорениот автобус на „Беса транс“ не постојат е погрешно пренесена.
Хусеини вчера во разговор за Фокус рече дека регистерските таблици на автобусот не биле меѓу пријавите од Министерството за внатрешни работи за прекршување на ковид-протоколите.
Тој рече дека до вчера провериле 13 предмети од МВР против „Беса Транс“ кои се однесуваат на прекршување на Ковид-протоколи, а меѓу пријавите досега не е најдена казна за прекршени Ковид-протоколи за автобусот што изгоре во Бугарија.
МВР доставило 15 прекршоци на име на „Беса транс“ за непочитување на Ковид-мерки. Хусеини рече дека денеска ќе ги допроверат сите пријави и ќе каже што точно нашле, но денеска не е достапен за изјава. Нејасно е и зошто дури сега се проверуваат пријавите од МВР.
Претходно, Хусеини во гостување на ТВ 21, како што пренесе телевизијата, рече дека регистерската табличка на автобусот не постои во евиденцијата на транспортните власти.
-Јас добив 58 извештаи од Министерството за внатрешни работи од „Деве Баир“ и сите регистарски таблички на возилата се регистрирани. И јас ја имам оваа регистарска табличка. Но, тоа не е тој автобус. Табличката на овој автобус не постои, рече Хусеини.
За изјавата на Хусеини денеска реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека за несреќата во Бугарија СДСМ и ДУИ се обидуваат вината да си ја префрлат од еден на друг во зависност од тоа кој која институција ја раководи.
-Кадарот на ДУИ, Руфат Хусеини, како директор на Инспекторатот за транспорт, објави дека регистарските таблички на автобусот на Беса Транс не постојат, практично автобусот не е регистриран и така поминал на граничниот премин Деве Баир. Додека Хусеини се чуди и се обидува одговорноста да ја насочи кон МВР и Царина, од таму мудро молчат со надеж дека ќе ги замолчат и граѓаните, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Ф.Ф.С.