Градоначалникот на општина Боговиње, Албон Џемаили обвинува дека тоа што не му се дозволува да започне со работа за изградба на водоснабдителен систем во атарот на селото Урвич се политички игрил, додека лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, каде е член градоначалникот обвинува дека зад забраната стои бизнис заедницата на ДУИ.
-Нема да дозволиме некој да се освети на градоначалникот на Боговиње и на граѓаните на Синичане, заради тоа што некој сакал да направи бизнис со хидроцентрала во истото место каде граѓаните сакаат да земат вода за пиење, рече Села.
МВР пак соопшти дека постапува по оперативни сознанија и неколку конкретни пријави за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред на локацијата за изградба на водовод за Синичане.
-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабдителен систем за село Синичане, тетовско, е излезено на лице место на терен, прибавени се податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово поднесено е известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски .
– Потенцираме дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградбата на водоснабдителниот систем е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир. Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните, и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи, рече Ангеловски.
Вчера трет пат по ред Општина Боговиње се обиде да започне со работа на изградба на водоснабдителен систем во атарот на селото Урвич. На местото на изворот имаше полициски единици, за кои од СВР Тетово соопштија дека се таму за да не се дозволи конфликт помеѓу жителите на Урвич и Синичане. Мештаните од Урвич не дозволуваат да се преземе овој извор со вода од страна на жителите на Синичане и општина Боговиње.