Конфискуваната брендираната гардероба на Боки 13 ќе ја изедат молци, немало вештак да ја процени вредноста!

Од Агенцијата за „Фокус“ откриваат дека се уште не е направено вештачење за вредноста на гардеробата, бидејќи во Бирото за судски вештачења немало такво стручно лице.

by fokus

Пред четири години, поточно летото 2019 година, истражителите од домот на Бојан Јовановски – Боки 13 одзедоа 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино, Диор…

Но наместо оваа гардероба, по пресудата за „Рекет“,  да заврши на продажба, а парите да легнат на државна сметка, облеката со години стои во некој од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот. Од Агенцијата за „Фокус“ откриваат дека се уште не е направено вештачење за вредноста на гардеробата, бидејќи во Бирото за судски вештачења немало такво стручно лице.

-Во однос на процената на одземените предмети во случајот „Рекет“, побаравме информација од Министерство за правда – Биро за судски вештачења, со цел да добиеме информација дали имаат стручни лица, проценители, за давање процена и вредност за таков вид и содржина на стока. Добивме информација дека немаат вработено редовно лица судски вештаци и проценители за таков вид и содржина на стока – брендирана стока“, ни одговорија од Агенцијата, од каде што појаснуваат дека услугите на вештаците од Бирото ги користат без надомест.

Исто така, од таму дополнуваат дека од Бирото добиле одговор дека ќе бидат информирани доколку ангажираат соодветен надворешен соработник.

„Доколку се ангажира надворешен соработник – проценител за таков вид и содржина на стока, благовремено ќе нѐ известат за официјално да се спроведе постапката за увид, процена и нејзино вештачење“, истакнуваат од Агенцијата.

Иако пресудата за „Рекет“ беше потврдена и од Апелација, а потоа зацементирана и од Врховниот суд, сепак никогаш не беа пронајдени парите од торбата „луј витон“, односно еден милион евра, и дополнителни половина милион евра, кои Боки 13 наводно ги добил од бизнисменот Орце Камчев.

Затоа обвинителката Вилма Русковска тврдеше дека Јовановски ги потрошил на луксузна брендирана гардероба, но и на телевизијата 1ТВ, бидејќи, како што велеше, „телевизијата била скапа играчка“, а обвинетиот ја основал и таа функционирала, иако тој немал трансакциска сметка.

Валентина Вурмо

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости