АРХИВА: Иванов од „Јасен“ ќе командува со апсење „пучисти“!

by fokus

Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов денеска се појави како сведок на одбраната на судскиот процес што се води против организаторите на упадот во Собранието што се случи на 27 април 2017 година. Во Судот изјави дека не знаел дека се спрема крвавиот четврток и дека ниту една служба не го известила дека се планира организиран влез во Собрание. За Иванов се што било поврзано со воена состојба произлегло од текст објавен во еден неделник, неколку дена претходно.

 

Текстот е објавен на 21 април 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1124 

Како што дознава „Фокус“ од високи извори во АРМ, пред Велигден била организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на воено-инфраструктурните објекти во шумскиот резерват „Јасен“. Тимот бил испратен во мисија на подготовка на објектите за сместување на Груевски, Иванов и нивните семејства, за време на евентуална воена состојба. Воениот штаб и засолништето во „Јасен“ треба да му послужат на претседателот за командување со операцијата на апсење на „пучистите“ откако СДСМ и партиите на Албанците ќе изберат собраниски спикер и влада

 Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

И покрај тоа што вегетираме во силеџиски авторитарен режим, кој ја киднапирал државата и има намера со употреба на груба сила да спречи промена на власта, па оттаму е логично да ги оправдуваме политичките потези на опозицијата кои вообичаено би требало да ги сметаме за грешки, отсекогаш сум мислел дека е глупаво да се штедат Зоран Заев и СДСМ за чекорите што (не) ги преземаат во текот на оваа мафијашка сага. Токму затоа, одвреме навреме и јас пишувам за грешките на лидерот на СДСМ од „бомбите“ па се до изборите и постизборниот ќорсокак.

Како и да е, од денешен ракурс, ако се има предвид дека Груевски има намера да оди до крај (тој мисли да оди до нашиот крај и до крајот на Македонија, а ние до неговиот крај и до крајот на Фамилијата), сите тие грешки на СДСМ речиси и да не се воопшто важни за решавањето на македонскиот јазол. Освен една, која се чини колосална и непростлива.

По завршувањето на предвремените избори во 2014 година, па се до денес, откога трае оваа наша трагедија, има еден неодминлив фактор кој секој сериозен отпор мораше да го има на ум. Станува збор за функцијата и позицијата на претседателот Иванов, кој не само што стана главна пречка за мирен трансфер на власта, туку со своето „тврдокорно“ однесување им се заканува на мирот и безбедноста на Македонија и навестува крвава разврска на македонскиот случај.

Се разбира, и врапчињата знаат дека Иванов без Груевски не може ниту чевлите да си ги врзе, а не, пак, да одлучува дали ќе го почитува Уставот, односно дали ќе му даде мандат на лидерот на опозицијата. Иако е јасно дека тој е изворно и искрено на позициите на пастирот, а можеби и уште порадикален од него, сепак, сите сметаат дека е поважно да и се скине главата на ламјата отколку да се занимаваме со нејзините ѕверчиња, каков што е Хорхе. Но, во случајов не е воопшто важна личноста на Иванов, туку моќта што ја има неговата функција според Уставот.

„ЕДИНСТВЕНИОТ ЛЕГИТИМЕН ПРЕТСТАВНИК“

За жал, од почетокот на „бомбите“ па се до неодамна, кога целата македонска и светска јавност се увери дека има работа, што би рекол Ставрески, со лудаци, вклучително и за опозициските медиуми Иванов беше и остана „единствениот легитимен претставник на власта“. Знам оти многу новинари и аналитичари таа флоскула ја користат за да кажат дека во државата по декемврските избори ништо не функционира, нема конституирано Собрание, нема собраниски претседател, нема легитимна влада, наскоро нема да има ниту легитимни градоначалници, арно ама има претседател на државата. Сепак, има и наивци кои негуваа илузии дека кај Иванов на крајот ќе победи разумот и тој ќе ја смени својата одлука, се до посетата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој маестрално објасни дека кај Хорхе има се, само разум – не!

Значи, денес се покажува оти клучниот проблем на нашата небиднина е што од самиот почеток на кризата и опозицијата и меѓународниот фактор и експертската јавност го третираат Иванов за „легитимен претставник на власта“ и никој во текот на Пржинскиот процес ниту спомна, ниту пак се дрзна да побара заедно со предвремените парламентарни избори да се одржат и претседателски. Тоа на Заев и на другите учесници во преговорите и на странските посредници се чини оти им изгледаше некако премногу.

Дали причините за тоа се што сите наивно веруваа дека претседателот може да биде корисен во разврската на кризата или, пак, не можеа да предвидат дека неговата функција ќе биде клучна по новите избори, сега е веќе неважно.

Но, како сите во меѓувреме да заборавивме дека Иванов победи на избори, (вториот круг на претседателските се одржа заедно со парламентарните избори во 2014 година) чии резултати СДСМ не ги призна, со што де факто почна и целиот процес на делегитимација на криминалната власт. Тоа секако значи оти и претседателот беше избран со флагрантен изборен фалсификат.

Истовремено, Иванов беше избран во еден политички бизарен изборен процес во кој владеачката ДУИ која остана во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ официјално го бојкотираше неговиот избор, зашто се залагаше за консензуален претседателски кандидат, а по изборите тотално ја игнорираше неговата функција и одбиваше каков било контакт со него.

Со други зборови, не само што Иванов не е никаков легитимен претседател денес, туку ако неговиот легитимитет се мери со оној на Груевски, во текот на „бомбите“, за време на преговорите во Пржино, тој и тогаш имаше многу помал легитимитет од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на ставот на ДУИ и на другите партии на Албанците. Впрочем, Али Ахмети никогаш не го есапел Иванов за жив, додека Груевски за командантот беше и остана легитимен политички фактор, за жал, до денешен ден.

КОМАНДЕН ШТАБ И ФАМИЛИЈАРНО ЗАСОЛНИШТЕ

Ете, таа грешка, да не се бараат избори и за претседател на државата, на што во текот на пржинските преговори можеа да се согласат тројца од четворицата преговарачи (Ахмети, Заев, Тачи), да не се делегитимира Иванов навреме, да не се инсистира кај меѓународниот фактор на целосна изборна делегитимација на криминалната и фалсификат-власт на Фамилијата уште од почетокот на „бомбите“, денес е несовладлив воденичен камен околу вратот на слободарска Македонија.

Арно ама, не само што тогаш ретко кој сакаше да прочита дека Иванов е последниот адут во џебот на Фамилијата, туку, повлекувањето на скандалозната аболиција дури влеа лажна надеж кај опозицијата и кај меѓународниот фактор дека претседателот би можел да заигра на картата на правдата и демократијата!? Само Груевски знаеше дека, во услови на евентуална победа на опозицијата на декемвриските избори, функцијата на Иванов ќе биде важна за нова амнестија (аболиција) односно за спас од кривичен прогон на криминалната дружина.

Се разбира, дури сега на сите им е јасно дека Иванов бил тука и за да се реализира и другиот план – да се спречи мирен трансфер на власта. А денес, на општа констернација, тука е за да го спроведе и последното крваво сценарио за спас на режимот.

Како што дознава „Фокус“ од високи извори во АРМ, минатите недели била организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на воено-инфраструктурните објекти во шумскиот заштитен резерват „Јасен“, кој се наоѓа на 20-тина километри оддалеченост од Скопје на планината Караџица.

Познато е дека во природниот шумски резерват „Јасен“, кој за време на социјализмот највисокото државно раководство го користеше за организирање лов на дивеч и ретки птици, изградени се инфраструктурни објекти на поранешната армија на СФРЈ, кои служеле како резервна команда на военото раководство на Третата армиска област на ЈНА.

Тие објекти денес ги користи АРМ. Министерството за одбрана во 2005 година пред јавноста го покажа тајниот воен комплекс во резерватот „Јасен“ каде што се сместени повеќе објекти за обука и вежби на одбранбените сили, како и за сместување на целиот државен врв во време на војна. Во месноста Коломит во „Јасен“, сместено е и подземно скривалиште во кое се влегува преку обична планинарска куќа, а низ лавиринт од подземни ходници се доаѓа до централната просторија од каде што врховниот командант би можел да управува и командува во време на војна. Скрвницата може да обезбеди нуклеарно-хемиска и биолошка заштита на луѓето што би командувале во време на воена состојба и во неа може да се  сместат 50 лица на подолго време. Покрај неа има придружни објекти во кои може да се смести храна, вода, облека и се што е потребно.

Тимот во резерватот „Јасен“ бил испратен во мисија на подготовка на објектите за сместување на највисоките државни и партиски раководители, пред се на Груевски и Иванов и на нивните семејства, за време на евентуална воена состојба. Разгледани се плановите за набавка на потребната храна и друга логистика за подолг период, но направена е и проверка на функционирањето на системот за врски и комуникации.

Нашиот извор тврди дека планот што се крие зад овие подготовки, е воведување воена состојба во државата и користење на три воени објекти, во резерватот „Јасен“, во скривницата во Ивање, која се наоѓа во истата област и во Катланово (Петровец), како команден штаб на Врховниот командант на АРМ и засолниште на Груевски и Фамилијата.

ФАМИЛИЈАРНО ТОЛКУВАЊЕ НА УСТАВОТ

Сценариото за кое сведочат воени, но и полициски и разузнавачки кругови е дека доколку СДСМ и партиите на Албанците кои имаат парламентарно мнозинство од 69 пратеници, одлучат да ја прекинат блокадата на парламентот и на алтернативна седница да изберат претседател на Собранието без ВМРО-ДПМНЕ и/или влада, врховниот командант тоа би го зел како преттекст за воведување воена состојба во државата.

Според членот 124 од Уставот на РМ, став 1, „воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или и е објавена војна“. Иванов и Груевски, велат нашите извори, лесно би можеле да го злоупотребат овој член од Уставот на тој начин што чинот на парламентарното мнозинство за избор на претседател на Собранието или на нова влада, ќе го толкуваат како „непосредна воена опасност од напад врз Републиката“.

Ова од причина што веќе го сатанизираа парламентарното мнозинство дека со т.н. Тиранска платформа сака да ги реализира агресивните цели на туѓа држава – Албанија – федерализација, кантонизација, односно да го загрози унитарниот карактер и територијалниот интегритет на Македонија.

Доколку тоа сепак не е доволно за да се прогласи воена состојба, велат нашите извори, воопшто не е тешко да се инсценира вооружен напад, да речеме да се истрела золја врз седиштето на претседателот или врз зградата на владата (такви случаи имаше во минатото кои останаа нерасветлени), што автоматски може да се вброи во непосредна воена опасност. Не е исклучено да се организира и божемен армиско-полициски преврат против претседателот на државата, кој се разбира, веднаш би бил задушен, Иванов би се повлекол во сигурно засолниште во резерватот „Јасен“, додека „пучистите“ би биле уапсени. Нашиот извор е загрижен, дека за да се постигне целта – односно да се прогласи воена состојба, не може да се исклучи ниту терористички акт од поголеми размери, да речеме експлозија на бомба во цивилен објект, каде што ќе има и човечки жртви.

За ескалација на состојбите до ова дереџе, веројатно ќе биде важно и меѓународната заедница да воведе санкции против Груевски и Иванов, што би се толкувало како напад од странство врз легитимно избраните претставници на македонската власт.

Се разбира, воена состојба според ставот 2 од членот 124 на Уставот прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, но во случајов Груевски и Иванов го имаат предвид ставот 3 од истиот член, според кој „ако Собранието не може да се состане, одлука за прогласување на воена состојба донесува претседателот на Републиката“.

Алтернативната седница на парламентарното мнозинство за Иванов и ДПМНЕ не би била легална седница на Собранието, односно нејзиното одржување за нив би било сигнал, дека единственото „легално и легитимно Собрание“ со кое сега претседава пратеникот Трајко Вељановски не може да се состане (нема доволен број пратеници), па тоа би можело да се искористи за претседателот да прогласи воена состојба.

БАБАРОГА СЦЕНАРИО

Изворите на „Фокус“ велат дека за сценариото на воена состојба биле подготвени сите потребни претседателски декрети и извршни наредби на владата. Имено, според членот 126 од Уставот, „при постоење на воена и вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“.

Многу е веројатно, велат изворите, дека во такви услови ќе стапат на сила уредби за воведување цензура на медиумите поради што јавноста нема да може да биде независно информирана за она што се случува во државата, ќе се ограничи односно ќе се забрани употребата на социјалните мрежи – фејсбук, твитер, јутјуб, ќе се забрани делувањето на политичките партии, а нема да може да се организираат ниту јавни собири и протести односно ќе има полициски час „се до отстранувањето на непосредната воена опасност“.

Плановите на Фамилијата се во првиот бран да се уапсат 20-30 „пучисти“ од највисок ранг, меѓу кои највисоките раководители на опозициските политички партии, „заговорници“ од армијата и полицијата за кои изминативе месеци во УБК се водат и посебни досиеја за насилно уривање на уставниот поредок на државата и наводна подготовка на државен преврат.

Набрзо потоа списокот би се проширил на 300-400 „соработници на пучистите“, „соросоиди“, „државни непријатели“, пред се претставници на невладините организации, новинари, интелектуалци, бизнисмени, јавни личности кои изминативе години беа дел од отпорот против Груевски, меѓу кои предводниците на Шарената револуција. Лесна мета во оваа насока се претставниците на НВО-ата чие финансиско работење УЈП изминативе месеци интензивно го чешлаше бркајќи вештерки. Оперативниот штаб веќе располага со адресите и местата на престој на „пучистите“ кои треба да бидат уапсени во двата брана.

Идејата е по примерот на чистката што ја спроведе турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по неуспешниот воен преврат минатото лето, кога уапси и притвори околу 40.000 т.н. ѓуленисти, власта да се пресмета со политичките неистомисленици. Фамилијата ќе внимава, како што пренесува нашиот извор, при апсењето и погромот да не апси видни Албанци, особено не највисоките претставници на политичките партии на Албанците, и никако луѓе од ДУИ, со цел да избегне меѓуетнички конфликт и да остави простор за идна соработка со политичките партии на Албанците.

„Фокус“ дознава дека странски дипломати изминативе денови и недели биле загрижени и особено заинтересирани дали ова сценарио кое власта очигледно го подготвува е веројатно и да се реализира.

Иако нашиот извор вели дека шансите да дојде до ваква разврска не се големи, затоа што Груевски и Иванов ризикуваат да завршат во Хаг, подготовките за воведување воена состојба, кои не се воопшто тајни, претседателот и лидерот на ВМРО-Обвинета сега ги користат за да покажат мускули дека се многу сериозни во својата намера да одат до крај, ако без политички договор, без зелена маса, парламентарното мнозинство преземе чекори за создавање влада. Значи, ова сценарио сега повеќе служи како „бабарога“ од која опозицијата и странскиот фактор треба да се застрашат и во интерес на безбедноста и стабилноста на државата да се согласат да ја разрешат кризата на преговарачка маса, со политички договор.

Свесен оти не може да предизвика нови избори, зашто за распуштање на парламентот не може да обезбеди просто мнозинство во Собранието, на средбите со странски претставници и посредници Груевски сега ултимативно бара учество на ДПМНЕ во идната влада на широка коалиција и законска амнестија на Фамилијата за криминалот од „бомбите“. Ова затоа што, како што пишував и порано, пастирот е свесен дека никој не може да му гарантира амнестија, ако самиот не е политички фактор. Се разбира, СДСМ и меѓународниот фактор не сакаат и не можат да му ветат таква разврска, но токму затоа отворените закани на режимот со воведување воена состојба изминативе денови добиваат на интензитет.

Македонската криза влегува во најдраматичната фаза од својата разврска, при што не е исклучено да има и обид на власта за насилно спречување на демократските промени, кое може да прерасне во крвава разврска. Претседателот Иванов, за жал, е клучен играч во тоа сценарио.

Што и да се случи во деновите што идат, едно е јасно. Заев никогаш нема да прежали зошто веднаш по бојкотот на изборите во 2014 година, покрај нови парламентарни, не побара и претседателски избори. Таа лекција сега ја знае. Ако недај боже биде принуден повторно да седне со Груевски или со ДПМНЕ на преговарачка маса и ако едно од решенијата сепак бидат нови предвремени парламентарни избори, неговиот услов мора да биде и нова претседателска трка. Груевски ќе си оди што ќе си оди, но Хорхе мора да замине предвреме во историјата!

Поврзани новости