(АРХИВА) Игор Спасов со нов идентитет се крие во Турција, избегал со бугарски пасош?!

by fokus

Текстот е објавен на 31 октомври 2019 година, во неделникот „Фокус“.

Пишувала: Валентина ВУРМО

„Правдата ќе ве стигне секаде и сите, не постои совршено злосторство!“
Под оваа парола специјалните обвинители ветуваа дека ќе дојдат до недопирливите и дека конечно ќе ја воскреснат правдата во Македонија. Но за жал, голем дел од недопирливите и понатаму останаа заштитени мечки, а оние кои ја чекаа правдата се разочараа. Еден од нив е и актуелниот бегалец Игор Спасов, кој се надеваше дека СЈО ќе ја открие целосната вистина за убиството на Мартин Нешкоски, за што досега тој самиот го отплаќаше гревот со правосилна затворска казна од 14 години.

На поранешниот специјалец официјално трагата му се губи на 18 октомври, кога не се појавува во затворот „Идризово“ откако му заврши условниот отпуст даден за лекување. Негови познаници велат дека Спасов бил револтиран што „затаила“ предистрагата на СЈО, во која наводно се трагало по вистинскиот убиец на Нешкоски.

СПАСОВ СЕ КРИЕ ВО ТУРЦИЈА, ИЗБЕГАЛ СО БУГАРСКИ ПАСОШ И НОВ ИДЕНТИТЕТ

Изминативе 14 месеци Спасов ги помина на слобода, бидејќи судот во Штип му ги уважуваше барањата за лекување, и постојано му ги поместуваше роковите. На 18 август требало да се врати зад решетки, но до судот доставил ново барање за продолжување на лекувањето. Судот позитивно одговорил и на ова барање, па му дозволил прекин во издржувањето на казната за уште два месеци. Поранешниот специјалец по истекот на овој рок не поднесол ново барање, туку периодот го искористил за бегство. Откако полицијата не го пронајде во државата, распиша меѓународна потерница.
Според неофицијални информации на „Фокус“, од добро упатени извори, Спасов се засолнил во Турција, а наводно таму влегол со бугарски пасош и нов идентитет. Засега е непознато дали со истиот пасош излегол од државата или пак поминал на илегален премин. Бегалецот имал две опции. Или да ја напушти државата преку Бугарија или преку Грција.

„Фокус“ исто така дознава дека Спасов избегал сам, односно во родниот град останале неговата сопруга и двете малолетни деца.
Адвокатот на Спасов, Ване Андреев, вели дека оддамна немал контакт со неговиот клиент и дека барањата за условен отпуст му ги поднесувал друг адвокат од Штип.

„Фокус“ стапи во контакт и со адвокатот Методи Поп Методиев кој ни изјви дека со Спасов контактирал во периодот мај-јуни, кога му поднал барање за прекин поради лекување, но оттогаш не се слушнале, бидејќи последното барање му го поднал друг адвокат.

Иако јавноста повика на институционална одговорност, сепак познавачите велат дека немало начин на Спасов да му се дишело во врат додека бил на преки на казната. За време на прекинот нема законска обврска дека осуденикот треба да се обезбедува, туку еднинствено самиот еднаш месечно да доставува медицинска документација.
Како можен пропуст може да се разгледува фактот што писмото од затворот „Идризово“ патувало цели четири дена до штипскиот суд, а во кое пишувало дека затвореникот не се вратил. Односно од судот ни појаснија дека писмото го добиле во четвртокот во 14 часот, а од затворот го испратиле уште во понеделникот.
Како и да е, се шпекулира дека Спасов не избегал последните денови, туку претходно.

КОБНИОТ УДАР НЕШКОСКИ ГО ДОБИЛ ВО ПОДРУМОТ НА АРМ, НЕ НА ПЛОШТАД?

Познаници на Спасов велат дека тој имал голема надеж дека СЈО ќе успее да ја исправи неправдата која му била нанесена.
Тој и на судењето во 2012 година тврдеше дека не го убил Нешкоски, а на надлежните и на семејството на починатиот им порача виновникот да го бараат на друго место.

Во судница е вообичаена праксата обвинетиот да негира вина и да тврди дека е невин, но, поради обидот на тогашната власт да го прикрие убиството, за да не се зацрни парламентарната победа на ВМРО-ДПМНЕ, за овој случај речиси целата македонска јавност уште на стартот имаше сомнежи. Сепак, освен „тигарот“, никој друг не понесе одговорност, иако списокот на можни виновници или вмешани беше подолг.
Сомнежите уште повеќе се зголемија кога СДСМ ја објави „бомбата“ за Мартин Нешкоски. Од разговорите се открија и детали кои донекаде ја потврдуваа одбраната на Спасов, или во најмала рака дека имал олеснителни околности, односно дека бил службено ангажиран.
Поради низата пропусти во истрагата, СЈО на почетокот на својот мандат отвори предистрага за овој случај, а Спасов три пати беше носен на распит. Тој со часови се задржуваше кај обвинителите, а неговиот адвокат Андреев појаснува дека неговата улога била како сведок, а не осомничен.

Поради недостиг од официјални податоци, бидејќи предистрагите се тајни, шпекулациите одеа дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно наводно има индиции дека вечерта на 5 јуни, во текот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, а не Спасов. Според нашите неофицијални информации, Специјалното јавно обвинителство било на трага дека Мартин бил удрен во пределот на главата, но не на скопскиот плоштад, туку на друга локација, а подоцна се случува брканицата со Спасов на плоштадот, по што му се слошува.
Како што дознава „Фокус“ постојат сериозни индиции дека кобниот удар во глава момчето го добило во подрумот во АРМ, од познат за СЈО напаѓач, но сето ова засега е само на ниво на сомнеж.

СПАСОВ РЕШИЛ ДА МОЛЧИ ПОРАДИ БЕЗБЕДНОСТА НА СЕМЕЈСТВОТО

Дека не го удрил во пределот на главата тврдеше и осудениот „тигар“. На едно од судските рочишта, на еден метар оддалеченост од мајката на Мартин, стана, ја погледна во очи, и сосема смирено рече:

– Со чисто срце ќе ве погледнам. Јас не го убив Мартин. Да знаев како му е на раце ќе го однесев во болница. Ако барате обвинет, тука сум, но ако ја сакате вистината, не гледајте во мене, изјави Спасов.

Тој во својот завршен збор рече дека судењето било коректно, но истакна дека му забележува на Јавното обвинителство што не го доистражило случајот до крај.
Спасов пред судот не негираше дека момчето го удрил со нога во пределот на слабината, бидејќи мислел дека се преправал додека лежел на плоштадот. Но, децидно негираше дека го удрил во пределот на главата.

– Дали некој друг, пред настанот, со глава, го удрил Мартин по носот поради што дошло до забрзано работење на срцето, јас не можам да кажам, но знам дека јас го немам удрено по глава, рече во својот завршен збор обвинетиот „тигар“.

На последното судско рочиште ѝ се извини на сопругата, порачувајќи дека морало да премолчи детали од кобната вечер, заради сигурност и безбедност на своето семејство.

– Што е, тука е! Знам зошто молчев од самиот почеток и знам зошто сето ова што се случува – се случува. Жално е тоа што згасна еден млад живот и што се повредени две семејства. Ако можам да го вратам времето јас повторно ќе постапев како службено лице, бидејќи однесувањето на Мартин не се вклопува во безбедносниот протокол, рече Спасов, во судница во 2012 година.

Ако навистина се истражува дали некој друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, тогаш во повторената истрага треба да се земат неколку детали кои се провлекоа на судењето.
Прво, тоа е исказот на Спасов дека не го удрил Мартин во пределот на главата, што, според него, се докажувало и со фактот што тој немал никаква рана, исеченица или модринка на рацете. Според вештачењето, пак, смртта настанала поради силен удар во носот, кој не го добил од падот на плочникот, туку бил тепан.

Во судот се појавија лекари обдуценти кои детално ги образложија сите повреди што ги регистрирале на телото на Нешкоски при вршењето на обдукцијата. Основна причина за смртта е скршеница на носот во горниот дел меѓу очите од каде во мозокот се појавило обилно крварење. Лекарите појаснија дека ваквата повреда е настаната од брз и краток удар со тап предмет. Иако одбраната се обиде да поентира дека повредата е настаната можеби од пад и удар на тврда подлога, лекарите беа категорични дека Нешкоски бил удрен. Тие кажаа дека на неколку места момчето имало подливи и внатрешни крвавења.
Според исказот на Спасов, брканицата со Нешкоски почнала поради неговата голема упорност да му се приближи на тогашниот премиер Никола Груевски, поради што тој сакал да го приведе. Првиот пат се обидел да дојде до премиерот во домот на АРМ, потоа во близина на продавницата „Сваровски“ и на крајот додека премиерот говорел на бината на скопскиот плоштад.

ИМА ОЧЕВИДЕЦ, НО ЗА ЖИВА ГЛАВА НЕ САКА ДА СВЕДОЧИ

Извори за „Фокус“, упатени во истрагата, велат дека после толку години, осум години од убиството, оди многу потешко откривањето на вистината, бидејќи и да го најдат вистинскиот тепач, тешко ќе оди докажувањето дека токму неговиот удар ја предизвикал смртната последица. Сепак, најавите се дека редовното обвинителство нема да се откаже и предистрагата ќе продолжи таму каде што застанала.

Како што дознаваме, во предистрагата биле обезбедени и неколкумина сведоци, од кои се очекува да помогнат во расветлување на случајот. Постои и сведок, кој наведно е главниот очевидец, но бил преплашен да раскаже што се видел. Наводно, додека истрагата ја водеше редовното обвинителство, имало очевидец кој требало да биде загрозен сведок, но по неколку дена се откажал, со оправдување дека не се сеќава на ништо. За несудениот сведок дознале и во СЈО, кога ги превземале списите од предметот. Нашите извори брифираат дека повторно го повикале, и му била понудена заштита, но исплашен до смрт, постојано повторувал дека ништо не знае, ниту нешто видел.

Како олеснителна околност за Спасов ќе биде и доколку новата истрага утврди дека бил службено ангажиран, нешто што самиот постојано го потврдуваше. Но, судот на крајот утврди дека тој не извршувал службена должност.
Верзијата на Специјалецот беше дека бил работно ангажиран за обезбедување на премиерот и на останатите функционери, потенцирајќи дека работниот ангажман му завршил во 1.30 часот по полноќ, а не во 24 часот, како што тврдеше тогашната министерка Гордана Јанкулоска.
Дека Спасов бил на работна задача сведочеа и неколку фотографии, од кои се гледаше дека критичната вечер тој со грб бил завртен кон бината, на која стоеле премиерот и останатите челници на партијата. Тој велеше дека доколку бил приватно на плоштадот, тогаш ќе бил свртен кон нив, за да го слуша говорот.

Во текот на судењето Спасов посочуваше дека не можел точно да каже кој го ангажирал и што точно била неговата задача на прославата за парламентарната победа на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа било службена тајна. Неговиот адвокат Ване Андреев тогаш истакна дека службената тајна е многу битна за текот на целиот случај, па затоа бараше начин таа да биде откриена, без Спасов да биде подлежен на нова одговорност. Но, во текот на рочиштето не му беше дозволено да ја открие.

„БОМБИТЕ“ ГО ВМЕШАА И УРКО

Но она што судот не го дозволи се откри во разговорите од „бомбите“ кои ги објави тогашната опозиција. Во еден од разговорите на Јанкуловска и Сашо Мијалков се откри службената тајна.
Јанкулоска: А не бил на должност, така… овој?
Мијалков: Бил на должност, како не.
Јанкулоска: Бил, а?
Мијалков: Па бил на должност по усмена наредба, знаеш кога има такви настани обично се испраќаат да го обезбедуваат просторот. Не го обезбедувал премиерот, туку просторот.
Јанкулоска: Да де да. Јавен ред и мир.
Мијалков: На митингот.
Од разговор меѓу Јанкулоска и Мартин Протуѓер пак се откри дека Дејан Митревски- Урко ја дал усната наредба.
Јанкулоска: А бе со усна наредба… чекај сеа вака, меѓу нас кажано, на кого може Урковци усна наредба да му издадат у единица у која не се старешини? Така?
Протуѓер: Ммм.
Јанкулоска: Се нервирам, зошто еве, за ваков случај, не можеш бе да го сокриеш. Не можеш да го сокриеш. Убиство имаш, мртов човек имаш. На време, да не нѐ кочеа…
Протуѓер: А, што е причината за убиството?
Јанкулоска: А бе, не е… види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе што ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го виделе уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.

Револтот за сокривање на вистината за овој случај беше изразен и преку многубројни протести на кои се извикуваше: „Нема правда, нема мир“. Оваа порола сѐ уште одекнува во ушите, а така и ќе биде во иднина се до завршувањето на новата истрага, од која се очекува барем доближување на вистината.
Како што и самите обвинители од СЈО уверуваа дека не постои совршено злосторство, така е и во случајот. Без размислување, станува збор само за несовршена истрага!

Поврзани новости