Владата на денешната владина седница го утврди и текстот на Предлогот на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.
-Со цел да се надминат правни празнини коишто претставуваат реален предизвик за демократијата и владеењето на правото, како што е посочено во Образложението од предлагачот, Министерството за правда, пристапено е кон уредување на прашањата за конфискација без осудителна пресуда, односно конфискација на имот во граѓанска постапка.
Предложените законски решенија, како што е посочено, се во согласност со документи подготвени од странски и домашни експерти, преку проект на Советот на Европа, а во коишто се оценува дека секое спречување на ланецот на користење имот и имотна корист од кривично дело, за кое има или нема правосилна судска одлука, значи поголем успех на државата да го заштити доброто на заедницата и на поединецот од организираниот криминал и корупција и нечесно стекнување на имот, велат од Владата.