И додека ние на Конференција упорно работевме на мирно решавање на кризата, реалниот живот си зеде свој тек. За жал, со текот на месеците се покажа дека некогаш единствениот ефикасен инструмент е на силата да ѝ се спротивстави сила.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Карингтон и неговата екипа, која го сочинуваше секретаријатот на Конференцијата, побараа од нас, министрите за надворешни работи на републиките, концизни и многу јасни „Идеи за можниот исход на Конференцијата за Југославија“.
Значи, добивме наслов, а составот на максимум две страници, требаше да го срочиме самите ние.
Ова беше почеток на еден забрзан процес на запознавање на претставниците на меѓународната заедница со ситуацијата во Југославија и со ставовите на републиките од чие усогласување требаше да произлезе решение.
На 12.9.1991 година, неколку дена по отворањето на Конференцијата, ги изложив и писмено ги приложив македонските идеи.
Всушност, идеите беа скратена верзија од нашиот „Меморандум“. Еве што напишав:
„Исходот на Конференцијата треба да биде фундаментална демократска трансформација на Југославија. Почетната точка на овој процес треба да биде суверената позиција на секоја од републиките, како предуслов за повисоки форми на интеграција.
Услов за дијалог е итно прекинување на огнот, за повеќе да не се губат човечки животи. Потребно е деангажирање на армијата и на полицијата и разоружување на цивилите, заедно со ефикасно мониторирање.
Тоа што треба да следи е обид да се моделира пристап кон проблемите на Југославија како целина.
Пристапот треба да биде изграден врз цврсти демократски принципи, кои ќе ја гарантираат целосната еднаквост на републиките и на народите на Југославија. Овој пристап е дел од платформата Глигоров-Изетбеговиќ.
Сето ова треба да ги смири силните, честопати ирационални чувства, што ќе ни овозможи да пристапиме кон следната фаза: поставување на темелите за две можни решенија, сојуз на суверени држави или мирна и цивилизирана дисолуција и создавање независни држави.
ПРИНЦИПИ
И двете решенија треба да бидат дебатирани во атмосфера на умереност, толеранција и почит кон позицијата на другите.
Во двата случаи треба да се подготвиме за компромис и да ги почитуваме демократските принципи за кои ќе се согласиме.
Ги предлагаме следните принципи:
01.Почитување на внатрешните и на надворешните граници, затоа што промена на границите со сила ќе отвори цела серија кризи што ќе водат до тотална граѓанска војна.
02.Заемно признавање на републиките како суверени држави и нивно меѓународно признавање.
03.Меѓународни (европски) гаранции за човековите права и правата на малцинствата.
04.Армијата (ЈНА) не треба да ја употребува својата сила за разрешување на бројните и неизбежни политички конфликти, туку мора да се приспособи на процесот на промени.
05.Зачувување на економската заедница на Југославија, бидејќи нејзината фрагментација и создавање заемно антагонизирани држави ќе нѐ одведе во сиромаштија, социјални немири и до нова граѓанска војна. Нужно е да се постигне договор со кој би се спречил сломот на економијата.
06.Сојузот, доколку се постигне согласност, мора да почива на степен на единство што е возможен во овој момент. Тоа би бил почеток во кој демократијата и пазарните односи ќе отворат нови патишта кон повисоки форми на економска и политичка интеграција.
07.Дисолуцијата, доколку не се постигне согласност, мора да биде спроведена на начин што ќе ги сочува добрососедските односи.
08.Траењето на мораториумот (на воените дејствија) треба да биде продолжен до крајот на конференцијата“.
Од првиот ден на нејзиното свикување, Конференцијата за Југославија беше во трка со настаните на теренот.
Трка што секојдневно ја губевме. Така, истиот тој септември 1991 година, кога Карингтон ги објави контурите на идното решение на кризата, ЈНА ги нападна Далмација и Славонија, со што отпочна хрватската борба за независност.
Борбата продолжи со опколување на гарнизоните на ЈНА на територијата на Хрватска од страна на милициски сили и доброволци, со цел да се протераат војниците на ЈНА и да се земе дел од оружјето.
Следеше и одмаздничкиот напад на ЈНА на Вуковар, кој е срамнет со земја. И додека последниот војник на ЈНА ја напушташе Словенија, во месец октомври почнува опсадата на Дубровник.
НА СИЛАТА СО СИЛА
До декември, кога паѓа Вуковар и кога српската заедница се отцепува од Хрватска и ја прогласува Република Српска Краина, цела Хрватска е во пламен.
А, сепак, конференцијата што беше во тек, прво во Хаг, па во Брисел, како и наметнатите економски и воени санкции беа единствените инструменти да се сопрат бестијалностите на етничките војни.
Имено, неколку недели по почетокот на работата на Конференцијата за Југославија, на 25 септември 1991 година, Советот за безбедност на ОН наметна „…општо и целосно ембарго на сите достави на оружје и на воена опрема за Југославија“.
Исти такви санкции воведе и ЕЗ во јуни 1991 година, така што сега светот се обедини околу идејата на меѓународното право, за нелегитимноста од употреба на сила во разрешувањето на домашните политички несогласувања.
Покрај воените, ОН воведоа и економски санкции против Југославија и Комитет за санкции задолжен за надгледување на нивното почитување.
Иако беше благородна, идејата со која требаше да се запре војната само ја зајакна моќта на ЈНА, која го поседуваше поголемиот дел од оружјето и чиј раководен кадар беше доминантно српски.
Разбирливо, Босна побара да се крене ембаргото на оружје, повикувајќи се на Повелбата на ОН и „…правото на самоодбрана…“.
Следува обидот ситуацијата да се измени со гласање во Генералното собрание, кое со 109 гласови „за“ и 57 „против“ се изјасни за симнување на ембаргото на оружје.
Но, кога се покажа дека нема согласност во Советот за безбедност да се поддржи одлуката на Генералното собрание, САД одлучуваат да не го почитуваат повеќе изгласаното ембарго.
И додека ние на Конференција упорно работевме на мирно решавање на кризата, реалниот живот си зеде свој тек.
За жал, со текот на месеците се покажа дека некогаш единствениот ефикасен инструмент е на силата да ѝ се спротивстави сила.
Почна со вооружување на народите, кои се бранеа од агресијата на ЈНА, за да заврши со нападот на НАТО, многу подоцна, дури откога кредибилитетот, а со тоа и интересите на Европа и Америка ќе бидат сериозно загрозени од политиките на Милошевиќ.
(Продолжува)