Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, ја коментира вчерашната изјава на бизнисменот Зоран Азманов, кој на прес конференција рече дека во време додека Коневски беше на власт инвеститорите морале да донираат средства на кошаркарскот клуб МЗТ, ако сакале да градат во Аеродром.
Коневски вели точно е дека Азманов донирал за клубот, но дека тоа го правел со цел да се спријатели со градоначалникот. Негира дека барал средства од инвеститори, како услов за да добијат градежна дозвола.
-Тоа што Азманов му помогнал на клубот, очигледно не било добронамерно. Штом дал таква изјава, значи дека воопшто не му била целта да помогне во спортот, туку да оствари свој личен интерес, така што ќе ми се доближи мене како тогашен градоначалник. Јас тогаш мислев дека тој тоа добронамерно го прави – вели Коневски.
Тој потврдува дека се случувало бизнисмени да донираат средства за МЗТ, а за износот на донациите не препрати да прашаме кај директорот.
-Можам само да кажам дека ако најуспешните луѓе во Македонија не помагаат во спортот, тогаш ние спорт нема ни да имаме – вели екс градоначалникот.
По завршување на мандатот Коневски отвори адвокатска канцеларија и е на другата страна од оградата, каде ги застапува граѓаните во парници против власта. Адвокатската канцеларија Коневски се занимава со случаи каде граѓаните се оштетена страна поради незакрпени улици или лизгави тротоари.
Вели дека работата не е тешка и дека правдата е на дофат на граѓаните.
-Целосно сум посветен на таа работа. Даваме правни совети за теми кои им се секојдневие на граѓаните. Тие бараат властите секојдневно и ревносно да ги извршуваат своите обврски, со цел да немаат проблем при нивното живеење, што е и нивно основно право – вели тој.
По однос на аерозагадувањето, вели дека актуелната власт нема капацитет да се справи со проблемот.
-Тоа што мерните станици во Аеродром не работат според мене е затоа што на некого тоа му одговара. Факт е дека загадувањето е се поголемо. Во минатото, за време на изборните кампањи, се ветуваше дека ќе се најде инстантно решение. Граѓаните поверуваа на тоа и денеска со право реагираат. Гледате дека немаат решение за овој проблем, а не верувам ниту дека имаат капацитет да го решат – додава Коневски.
М.В.