Во употреба се пушти капелата во склоп на Градските православни гробишта во Тетово. Иако изградена пред пет години, дури сега е ставена во функција, пренесе „Слободен печат“.
Од Одделението за православни гробишта при ЈКП Тетово кое управува со капелата за „Слободен печат“ рекле дека се исполнети условите за преземање и третман на починатите лица, кои во капелата ќе ги носат оператори..
„Во изминатиов период се направи доуредување на капелата, се поставија сите елементи за нормално функционирање, се оспособи комората, просторија за давање на сочувство на семејствата и слично. Во комората ќе престојува покојникот, потоа утредента пред да се направи опелото во црква, во капелата во посебна просторија на семејството му се изразува соочуство каде се носи покојникот, а потоа се носи во црква и на крај на градските гробишта“, изјавил Мики Симоски, раководител на Одделението за православни гробишта при ЈКП Тетово.
Сепак, иако се отвори долгонајавуваната капела, тетовци се жалат дека тука не завршуваат нивните проблеми.
„Требаше порано да се пушти во употреба објектот, но како и да е тука не завршуваат нашите проблеми. По опелото во црква, наместо покојниците да ги однесеме во достојно вечно почивалиште ние ги погребуваме во „запуштена ливада“ на новата локација на градските православни гробишта во тетовско Фалише. За неа секоја година има ветување дека ќе се уреди, но таму нема некаков објект, ниту црква, местото не се одржува, не се коси, нема доволно заштитна ограда, па разни животни влегуваат на гробиштата, таа локација треба под итно да се уреди“, раскажал жител на градот под Шар Планина.
Капелата започнала да се гради во 2015 година. Објектот се завршил во 2018, а по цели 5 години е пуштен во употреба.
Пред две години, како што пренесува „Слободен печат“ надлежните изјавиле дека иако капелата е изградена со сите соодветни простории, не може да се употребува поради нефукционалност на комората–ладилник каде треба да се чуваат телата на починатите.
Тогаш изјавиле дека комората била практична само за чување батаци и сувомеснати производи.