Се зголемуваат платите на здравствените работници, министерот за здравство Фатмир Меџити и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, денеска го потпишаа анексот за изменување и дополнување на колективниот договор во јавните здравствени установи.
„Станува збор за зголемување на платите предвидено, почнувајќи со исплатата на месец мај 2023 година. Покачувањето од 3 000 денари, 2 500 и 2 000 денари се однесуваат на сите вработени во јавните здравствени установи. Воедно, директорите на јавните здравствени установи се овластени да ги потпишат поединечните колективни договори. Ова е само едно од ветувањата кое го реализиравме во насока на стимулација и мотивација на здравствените работници и со тоа и унапредување на здравствениот систем“, истакна Меџити.
За потпишувањето на анексот за изменување и дополнување на колективниот договор во јавните здравствени установи задоволство изрази и Каранфиловски.
„Како што кажа министерот за здравство, нема поголемо задоволство кога ќе дојдете да реализирате одредено потпишување, конкретно на анексот на колективниот договор за здравствена дејност, со кој веќе имаме покачување на платите на вработените во здравствената дејност. Она што го кажа и министерот, значи линеарно покачување по основ на износи 3 000, 2 500 и 2 000 денари, во зависност од групата на сложеност“, нагласи Каранфиловски.
Уште пред неколку месеци кога и официјално беше највено дека ќе има покачување од 2.000 и 3.000 денари, „Фокус“ објави дел од реакциите на незадоволните здравствени работници.
„И за крај на денот кога видовме невидено понижување и осиромашување на вработените во јавното здравство од страна на неспособната и ненародна Влада, добро е што видовме разлика, поточно од една страна понудени мизерни месечни покачување од БРУТО 3.000 денари на медицинските сестри и БРУТО 2.000 денари на лекари и сите останати вработени во здравство, а од друга страна платите на функционерите се зголемуваат за 78%!!!“, истакна тогаш Ивица Апостолов, претседателот на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар Скопје.