РЕК „Битола“ е подготвен за претстојната грејна сезона, иако состојбата со јаглен во двата рудника, „Суводол“ и „Брод-Гнеотино“, не е розова, изјави директорот на ЕСМ Производство, Зоран Коњановски.
Новото раководство на РЕК „Битола“ констатирало дека во комбинатот и во рудниците не се работело како што треба, согласно со плановите и не се водело сметка за отстранување на јаловинските маси, поради што нема откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран и без беденископ за потребите на термоблоковите. Затечените количини јаглен не се доволни и се со исклучително лош квалитет. Затоа ќе продолжат набавките на јаглен од странство.
– Консултиравме професори од Рударскиот факултет од Штип, кои наскоро ќе излезат со забелешки за работата на рудниците, со насоки за натамошна експлоатација на јаловината на јагленот. Во моментов направивме реорганизација на капацитетите во рудниците за да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен. Успеавме, со репрограмирање на тековен договор, да заштедиме 3 милиони евра. Сакам да истакнам дека, за разлика од претходните набавки на јаглен, за идни набавки на овој енергенс, кога ќе има потреба, акцент ќе се даде на квалитетот – рече Коњановски.
Коњановски наведе дека поради увоз на јаглен со катастрофален квалитет во изминативе години, се предизвикале хаварии на блоковите, поради што ЕСМ издвојувало милионски суми за санации.
За недомаќинското и неодговорно работење, АД ЕСМ ја разгледува можноста за поведување кривични и дисциплински постапки кон раководни лица, кои директно влијаеле на затечените состојби.