Ситуацијата со коронавирусот во Србија е катастрофална, изјави српскиот епидемиолог, Предраг Кон, кој е и член на Кризниот штаб за справување со коронавирусот.
Тој рече дека медицинскиот дел од штабот имал консултации со премиерката Ана Брнабиќ и дека не гледа подобрување, поради што се надева дека односот кон епидемиолошката состојба ќе се смени.
-Имавме консултации, ние од медицинскиот дел инсистираме на спроведување на претходно предложените мерки. Не видовме подобрување за 12 дена. Можеби се стабилизира состојбата, но ние сме на катастрофално ниво и тоа не е вистинско подобрување. Не се подобри ниту опфатот на имунизација, од ден на ден се вакцинираат луѓе, но тој број би требало да биде десет пати поголем. Во таква атмосфера, ќе има нови состаноци на Кризниот штаб и искрено се надевам дека ќе има промена. Се согласуваме само дека трајниот излез е вакцинацијата, рече Кон и додаде дека епидемиолошката состојба е вонредна и катастрофална.