Комуњари и вмрони

by Фокус

Испоснетите и една деценија апстинирани од власт „комуњари“, со Шарена револуција предводена од аболираната „Невестулка“, изврши мек државен удар за уривање на криминалното и корумпирано „злосторничко здружение“. Најголемата измама, злоупотреба на народот и предавство на националните интереси.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Опскурните, недолични одбележувања на Денот на народноослободителното и антифашистичко востание и Денот на македонската револуционерна борба потврдија дека речиси е невозможно надминување на длабоките општествени поделби.

Лицемерните, неубедливи и демагошки пораки за национално обединување на македонското ткиво покажаа и докажаа дека двете статус кво партии од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, немаат капацитет и идеи за водење држава.

Единствен обединувачки мотив се бескрупулозната борба за власт, криминалот и корупцијата. Во тој истребувачки поход, опозицијата „реформираните комунисти“ ги нарекува „комуњари“, како повеќезначна алузија за арамии и превртливци, кои само фолираат дека се следбеници на социјалдемократска идеологија.

Тие, пак, еуфемистички ги етикетираат „вмрони“, односно вулгарно „небањати“, како пежоратив за нечисти и валкани во преносна и во буквална смисла.

Апсурдот на двете статус кво партии е комплексот различност. За нив апсолутно е навредливо, фрустрирачки и многу се јадосуваат кога ги поистоветуваат. Љубат да бидат различни, да се оригинален бренд. Ама, сепак се исти!

Жедни за власт, моќ и пари. За присвојување, узурпирање и поистоветување државни како партиски празници.
„Комуњарите“ го прославуваат 11 Октомври, а „вмроните“ 23 Октомври. Тие не прават разлика меѓу партијата и државата, па нивните програмирани и чипирани функционери отчет и одговорност полагаат исклучиво пред партискиот цапо ди тутти цапи.

ПОТОМЦИТЕ НА „ЦРВЕНАТА БУРЖОАЗИЈА“

Оттука, чист анахронизам и ебиветризам претставува фактот што се прогласија за наследници на СКМ и ВМРО, врамувајќи ги во денешната стварност.

Веднаш по извојуваната победа над фашизмот и конституирањето на Македонија во рамките на југословенската федерација, новата комунистичка власт го покажа дволичниот и измамнички сурат.

Во името на единствена држава, партија и идеологија, се преобрази во спротивност од прокламираните темелни принципи на АСНОМ, погазувајќи ги со одземање приватната сопственост и укинување на правото на слобода на говорот и здружување.

Половина век потоа, потомците на „црвената буржоазија“, во име на плурализмот и демократијата, се прогласија за нивни наследници.

Го променија акронимот, првин во СКМ-ПДП, а потоа во СДСМ, се самопрогласија за „државотворна“ партија и за џабалак ги приватизираа и ги присвоија државата и целокупниот општествен имот. Денес сѐ е нивно, власта, државата, имотот, ресурсите, народот.

Хронологијата на родоотстапништво и бесчестието на „реформираните комунисти“ продолжи со промена на Уставот и откажување од Македонците во Грција, приемот во ООН како БЈРМ и промената на националното знаме и учество во потпишувањето на Рамковниот договор, со кој македонската држава се редефинира во бинационална и билингвална.

Глоговиот колец го забија со територијалната поделба на кантонизација и федерализација со етнички заедници, како помека варијанта на операционализација на проектот на Ванчо Михајлов „Македонија – Швајцарија на Балканот“.

Во преминот од еднопартиски во повеќепартиски систем, се случи и анахронизмот ВМРО, кој се фузира со задграничната ДПМНЕ.

„ПАПАТА“ И „ПАСТИРОТ“

Парадоксот беше во фактот што најголема индиректна заслуга за негово создавање имаше македонскиот современ национализам, а не отпорот или опозицијата против комунизмот.

Опскурната, контроверзна и анахрона политичка партија на предводникот со кодно име „Мона Лиза“ владееше четири години.

На парламентарните избори на 15 септември 2002 година доживеа очекуван пораз од „комуњарите“, предводени од „Папата“ со неговиот легендарен слоган „Денес ја преземаме судбината на македонскиот народ во свои раце“.

По четири години, „Пастирот“, како нов предводник на „вмроните“, извојува неспорна победа, со која го почна креирањето на атипичниот систем Мафијадонија.

Го реинкарнира фатализмот од минатото, кој ја стигматизираше Македонската револуционерна борба исклучиво како револуционерна, но не и државотворна.

Испоснетите и една деценија апстинирани од власт „комуњари“, со Шарена револуција предводена од аболираната „Невестулка“, изврши мек државен удар за уривање на криминалното и корумпирано „злосторничко здружение“.

Најголемата измама, злоупотреба на народот и предавство на националните интереси.

Зграпчувањето на власта од бетер покриминална и енормно корумпирана власт резултираше со Тиранска платформа и воведување двојазичност, потпишување Договор со Бугарија за заедничка историја, прекрстување на името со Преспанскиот договор и потпишување на т.н. француски предлог за бугаризација.

Мафијадонија, три децении е хранилка со сѐ што имаше, преку она што остана, до сѐ што нема!

Поврзани новости