ЈП Комунална хигиена-Скопје информира дека секојдневно спроведува машинско миење на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со употреба на автоцистерни.
Оттаму додаваат дека овој вид на одржување на хигиената на сообраќајните површини се одвива во доцните ноќни часови, односно во рамките на третата оперативна смена, кога е намалена фреквенцијата на возила и пешаци.
„Согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје, активностите за машинско миење со автоцистерни се реализираат седум дена во неделата, исклучиво во летниот период, на булеварите и на улиците што се во надлежност на Градот Скопје.
Воедно, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно спроведуваат машинско и рачно миење и метење на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје – улицата и плоштадот Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, Кејот „13-ти Ноември“ како и Старата скопска чаршија“ информираат од Комунална.