Пратеникот Изет Меџити останува потпретседател на ДУИ, а градоначалникот на Сарај Блерим Беџети ќе биде организациски секретар на местото на првиот вицепремиер Артан Груби.
Ова, како што велат за „Фокус“ високи партиски извори, е дел од компромисот што денес во последен момент бил направен во Мала Речица, со цел да се спречи ескалацијата на внатрепартиската криза, по најавата на „огнената група“ дека ќе делува како фракција ако не се прифатат нивните барања.
Покрај тоа, според неофицијални информации, за нови потпретседатели треба да бидат избрани Арбана Пашоли, Бајрам Реџепи и Арбер Адеми, генерален секретар ќе биде Фатон Ахмети, додека Муса Џафери станува претседател на Надзорниот одбор.
Нашите сознанија говорат дека компромисот, освен тоа што Беџети ја зема позицијата на Груби, се состои и од изборот на актуелните потпретседатели, наместо првично предложените Арта Биљали Зендели, Валдет Џафери…
Сепак, упатените посочуваат дека внатрешните недоразбирања во ДУИ се далеку од надминати, бидејќи „огнената група“ не се откажува од промена на Груби од владата, додека тој и понатаму ја има целосната поддршка од Ахмети.
Иако тие инсистираа отчетот на министрите да се случи утре, сепак, на крајот било договорено тој да се одложи.
В.С.