Компанијата за техничко испитување и анализа Хемиски Инженеринг, која неодамна откупи движен и недвижен имот на ОХИС за сума од над 7 милиони евра, спаѓа во групата на најуспешни фирми со само еден вработен за минатата 2018 година.
Според анализата на специјализираниот сајт за обработка на деловни податоци Таргет Груп, објавена на Аналитика, Хемиски Инженеринг го зазема седмото меѓу најуспешните човек-фирми, со оглед дека лани направила профит од над 437 илјади евра.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека сопственици на оваа компанија се бизнисменот Горјан Максимовски, кој воедно е и управител на друштвото, како и уште една компанија регистрирана во офшор зоната Дубаи (ОАЕ), со назив „Стеел анд прессуре енгинееринг“.
Инаку, Хемиски Инженеринг во стечајната постапка на АД ОХИС откупи најголем дел од објектите и машините за сума од 7,1 милиони евра, откако претходно за 600.000 евра стекна право врз имотот ставен под залог кај „Комерцијална банка“.
-Беа објавени 3 огласи за продажба на имотот и опремата, при што јас го купив на третиот оглас како единствен учесник и понудувач во постапката. Во моментов, дел од објектите ги издаваме под закуп, а за во иднина имаме развојни планови што би сакале да ги реализираме. во моментов, не можат да откријам повеќе детали – изјави неодамна за Фокус Максимовски.
Поточно, проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности откриваат дека компанијата на Максимовски моментално поседува објекти во кругот на ОХИС со вкупна површина од над 170 илјади квадратни метри преку имотните листови 113026 и 110654.
Воедно, тој е сопственик и управител и на компанијата за инжинерство и техничко советување формирана во 2009 година – „Инженеринг солушн сервисес – ЕСС“, во чија сопственичка структура фигурира истата офшор компанија од Дубаи.
Според анализата на Таргет Груп, објавена на Аналитика, во земјава има над 8 илјади компании без вработени, кои лани направиле вкупен профит од скоро 200 милиони евра, од кои како добивка останале околу 30 милиони евра.
Во Топ-10 компаниите со еден вработен кои направиле најголеми профити уште влегуваат АД Каменимост Комуникации, Блек Си Метал Трејдинг, Рико Инженеринг, Орманче, Топ Инвест, Магна Еуропе, Кредисимо, Солун и Иван и Медо Мак.
В.С.