Компанијата која ги донираше пржевалските коњи вели дека ќе размисли дали во иднина ќе донира било што на Скопје ЗОО

by fokus

По угинувањето на трите пржевалски коњи во скопската зоолошка градина, кое се случило под неразјаснети околности и се чекаат резултати од нивната обдукција, ,,Фокус” разговараше со претставник на компанијата која пред 12 години ги донираше животните на Скопје ЗОО.

Станува збор за компанијата Сафари Македонија, која повеќе од 20 години работи во делот на ловниот туризам низ целиот свет, а за трите коњи кои се загрозен вид и ги има околу 2.000 единки во светот, велат дека ги увезле од Австрија.
Цената за трите коњи тогаш била околу 50.000 евра, а на компанијата и било желба скопската зоолошка да добие еден ваков посебен и редок вид на животни.

По веста за угинувањето на коњите, за кои вработен во зоолошката пријавил во СВР Скопје дека се сомнева како се отруени, од Сафари Македонија за ,,Фокус” велат дека очекуваат транспарентност од ЗОО Скопје и темелна истрага од надлежните органи, со цел да се дознае како и од што починале животните, дали од негрижа и нестручен третман, или пак има друга позадина целиот случај кој ја вознемири јавноста.

-Нашата компанија соработува со зоолошки градини ширум светот, и досега сме имале голем број на донации на животни. Донираме и на зоолошки градини во Африка, сме немале негативни искуства. Сафари Македонија се занимава со ловен туризам низ светот, посветени сме на зачувување на дивиот свет и на едукација, затоа и ги дониравме коњите во Скопје ЗОО. Не беа евтини, но тоа воопшто не е важно во случајов, ги подаривме бидејќи тоа ни беше желба, и во Скопје да можат посетителите да видат такви прекрасни и ретки диви коњи.
По овие случувања, ќе размислиме дали воопшто некогаш повторно ќе донираме животни за зоолошката градина во Скопје. Јавно апелираме да се истражи целиот настан и јавноста да ја дознае вистината за судбината на овие заштитени и ретки животни – велат од компанијата.

Денес од здружението за заштита на животните Анима Мунди побараа донаторот на коњите да финансира надворешна и независна истрага за смртта на животните.

Од Сафари Македонија велат дека не се информирани дали е тоа законски возможно, да се спроведе истрага со странски експерти.

-Не сме упатени колку е тоа технички законски изводливо, колку финансиски би изнесувала една таква истрага, ако е воопшто можна во земјава. Сепак, ќе го разгледаме предлогот на здружението, но и уште еднаш ќе апелираме до надлежните институции на транспарентност и на детална истрага – порачаа од компанијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости