Не само социјалните мрежи Фејсбук, Твитер или Јутјуб, туку и се поголем број компании и институции објавија бојкот на претседателот Доналд Трамп, поради повикот на толпата демонстранти минатата недела насилно да навлезе во Конгресот на САД.
Повеќе компании, универзитети и спонзори на политички партии ги прекинуваат сите врски со него и со републиканци кои го поддржуваа неговиот повик за непризнавање на резултатите од изборите.
Некои од нив се Адвокатската комора на Њујорк, поради огромниот број поплаки што оваа организација ги добивала од однесувањето на нивниот член, Руди Џулијани, кој изминатите месеци жолчно ги бранеше тврдењата на претседателот дека изборите биле украдени. Во минатата среда, кога демонстрантите упаднаа во Капитолот, Џулијани повикувал на „суд со борба“, со што дополнително ја подбуцна разулавената толпа да врши материјални штети насилство во највискиот законодавен дом на САД, велат од комората.
Врските со Трамп ги прекинува и П.Г.А еден од најважните голф турнири во САД. Претседателот на П.Г.А изјави дека го откажува голф турнирот што треба да се оддржи во голф клубот на Трамп во Њу Џерси во 2022 година.
Четирите најголеми американски банки, „JPMorgan Chase“, „Goldman Sachs“, „Citigroup“ и „Morgan Stanley“ изјавија дека ги прекинуваат сите партиски донации, а истото го потврдија и Master Card и Visa, како и американските телекоми „AT&T“ и „Comcast“.
Сите овие компании ги разгледуваат решенијата на нивните комисии за политички спонзорства. Најголем дел од нив ги прекинуваат донациите на републиканските конгресмени кои ги застапуваа повиците на Трамп да се оспорат изборните разултати утврдени од колеџот на електори на САД лани во декември.
Компанијата „Hallmark“, на пример, замоли двајца републикански сенатори, Џош Хоули од Мисури и Роџер Маршал од Канзас, најголемите бранители на тврдењата на Трамп за изборна измама, да ги вратат спонзорствата.
Хотелите Мериот, Кока Кола, и една голема осигурителна компанија го најавија истото – да прекинат со спонзорства за републиканците, кои му даваа поддршка на Трамп во поларизирање на масите, што доведе до упад на негови поддржувачи во американскиот Капитол.
Неколку универзитети ги укинаа дипломите дадени на Трамп. Се работи за Универзитетот Лихај од Пенсилванија, каде Трамп дипломирал во 1988 година, и Универзитетот Вагнер во Стејтен Ајленд, што, иста така, му дал диплома на Трамп во 2004 година.