Компанија основана и поседувана од активисти на Алијанса за Албанците и друштво на соработници на братучедот на лидерот на АА и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, за неколку години добиле тендери во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, пришто доминираат договори за јавна набавка склучени со Општина Гостивар, гостиварски „Комуналец“, неколку болници и клиники, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Испитувајте, има многу компании што земаат тендери во Гостивар, па не ги знам сите“ – вака ни одговори лидерот на Алијанса и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, кога на крајот на ланската 2023 година го прашавме дали е точно дека 2 конкретни компании почнале да соработуваат со Општина Гостивар и органи под раководната палка на Алијанса поради блискост со него и партијата?
Една од нив е друштвото основано на самиот почеток на 2019 година (31.01) со назив „Хана Десигн“, чија дејност е „услужни дејности во врска со печатењето и објавувањето“. Историјатот на промени покажува дека нејзин прв сопственик бил Влерим Исени. Првично, компанијата била регистрирана во гостиварското село Вруток, од каде што впрочем е Исени.
Но, една година подоцна, односно на почетокот на 2020 година, тој се повлекува од компанијата, а на негово место нов сопственик и управител станува Салије Сулејманоска, со која, според одредени сознанија, се во роднински врски. Во меѓувреме, односно во октомври ланската 2023 година (24.10), компанијата го сменила називот во „Лев Гроуп“ и го преселила седиштето во Гостивар.
Подоцна во текот на истата година, поточно на 20.11.2023 година доаѓа до нова промена во сопственичката структура, така што нов сопственик и управител на местото на Сулејманоска станува Елмедин Шабани од гостиварското село Долна Бањица. Практично, промената се случува еден месец откако лани во октомври се обративме до компанијата со прашања во врска со нејзиното работење и соработката со Општина Гостивар.
„По број на земени тендери во Општина Гостивар, откога е основана фирмата, не поминува повеќе од 5 тендери, и не сме фирма меѓу 20-те по вредност од земена работа. Ниту Општина Карпош, ниту Општина Сарај, ниту многу други институции, колку што знаеме ние, немаат врска со Алијанса за Албанците“, ни одговорија од компанијата.
Воедно, тогашната сопственичка Сулејманоска тврдеше дека никогаш не го сретнала Таравари. Арно ама, тоа не важи за претходниот сопственик Исени, кој ја основал компанијата, како и за сегашниот газда Шабани. И двајцата не кријат дека се симпатизери на АА, а јавно објавените фотографии сведочат за блискост меѓу нив и партискиот лидер и гостиварски градоначалник.
Инаку, основачот Исени е вработен во Општина Гостивар. Тоа е наведено на неговиот фејсбук-профил, каде што може да се видат и многу заеднички фотографии меѓу него и Таравари, кои говорат дека Исени е негов отворен поддржувач. Дури, во една пригода за него пишува дека е „мастермајнд“ или во превод – генијалец.
Истовремено, тој настапува и како политички активист на Алијанса за Албанците во Гостивар, така што некои портали му пренесуваат реакции за одредени прашања. Во таа насока, „Зитаре“ објавил дека Исени лани во декември реагирал кон изјавата на лидерот на Беса, Биљал Касами, кој рече членовите на АА ќе гласаат за опозицијата на претстојните избори.
„Алијанса неколкупати докажа политичка зрелост и има силни структури од Липково до Струга, кои веројатно ги немате. Алијанса има партиски тела кои ги почитуваат сите нејзини членови, тоа е докажано многупати. Ние како активисти или како членови на АА ги избравме најдобрите луѓе, кои ќе донесат политички одлуки за тоа како политички да се дејствува“, стои, меѓу другото, во реакцијата на Исени.
И актуелниот сопственик на компанијата – Шабани често објавува фотографии од Таравари од негови јавни настапи и вести за сработени проекти од страна на Општина Гостивар, а двајцата имаат и заеднички фотографии. Ако Исени го нарекува „генијалец“, Шабани го нарекува Таравари „кинг“ или крал.
Дека и тој е активист на Алијанса, потврдува еден негов фејсбук-статус, кој гласи: „Почитувани колеги активисти, сакам да се заблагодарам на секој од вас за поддршката и придонесот даден до денес. Исто така, сакам да ве информирам дека повеќе нема да бидам претседавач на состанокот од каде што доаѓам. На Алијанса ѝ е потребна нова надеж, која ќе донесе победа на претстојните парламентарни избори“.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата „Хана Десигн“ или „Лев Гроуп“, веднаш по формирањето во 2019 година склучила триесетина договори за јавна набавка, а најплодна соработка имала со Општина Гостивар и со гостиварски „Комуналец“. Притоа, може да се забележат и договори од здравствени институции под капата на Министерството за здравство раководено од Фатмир Меџити, близок пријател и сопартиец на Таравари.
Впрочем, двата највисоки договори, компанијата ги склучила со Општина Гостивар во 2022 и во 2023 година. Тие се однесуваат за „набавка, монтажа и одржување сообраќајна сигнализација“ и имаат идентична вредност од по 2.950.000 денари. Значи, компанијата за печатарски услуги добила договори за сообраќајна сигнализација, и тоа како единствен понудувач.
Дополнително, овие 2 тендерски постапки се спроведени откако еднаш бил поништен оглас со истиот предмет на набавка во 2021 година, кога општината објавила оглас за „набавка монтажа и одржување на сообраќајна сигнализација“. Меѓутоа, ја поништила постапката со образложение дека „понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка, кои се понеповолни од реалните на пазарот“.
Во истиот период (2022-2023), тогашната „Хана Десигн“ добила уште 3 тендери од Гостивар за услуги за печатење, во вкупна вредност од 4.248.000 денари, како и еден тендер за набавка на тонери од 1.357.000 денари. Сепак, компанијата бргу се префрлила од матичната дејност кон сообраќајната сигнализација, па дури и кон трговијата со градежни материјали.
Во текот на ланската година, друштвото склучило договор и со Јавно претпријатие за комунални дејности „Комуналец Гостивар“ за набавка на градежни материјали во вредност од 2.866.500 денари. Понатаму, соработката меѓу двете страни ја сочинуваат уште 6 договори за печатење и набавка на канцелариски материјали во вкупна вредност од над 6 милиони денари.
Точно е, како што велат од компанијата, дека таа добила договори и од општини што не се раководени од АА, меѓутоа тие имаат минорен удел во споредба со бројот и вредноста на договорите со Гостивар и гостиварски „Комуналец“. Исто така, регистрирани се и неколку договори со тетовската и гостиварската болница, клиниките за радиологија и за токсикологија, и тоа сите откако Алијанса стана дел од власта и доби министер за здравство.
Кога сѐ ќе се собере, произлегува дека вкупната вредност на овие договори изнесува околу 32 милиони денари (533 илјади евра), што се одразува и во финансиските биланси на друштвото со само еден вработен. Компанијата во 2021 година остварила приходи од речиси 3 милиони денари, но во 2022 година, приходите пораснале на 4,5 милиони денари, или за 53 отсто. Добивката, пак, изнесувала 2,2 милиони денари, што значи дека половина приходи биле чист ќар.
Во рамки на ова истражувањето опфативме уште една гостиварска компанија. Станува збор за градежната „Арт Линеа Дизајн“, основана уште во 2003 година. Меѓутоа, нашата анализа покажува дека почнува да добива сѐ повеќе тендери од 2020 година, кога веќе Таравари е градоначалник на Гостивар. Претходно, склучила само еден ситен договор во 2018 година за санирање и реконструкција на улици од 1.415.000 денари.
Поточно, компанијата најмногу тендери добила од Општина Гостивар, со која го склучила и највисокиот договор од 17 милиони денари за рехабилитација и реконструкција на шеталиштето покрај кејот на Вардар. Претходно, општината со „Арт Линеа Дизајн“ склучила 2 договори за работи поврзани со заштитна ограда покрај Кејот на Вардар од 5.900.000, односно 6.500.000 денари.
Потоа, тие склучиле и договор за набавка на боја за хоризонтална сигнализација, за реконструкција на училници и изведба на работи за изградба на библиотека, за изработка на база од бетон и поставување монтажни објекти, за реконструкција на канцеларии во управна зграда на општината… И ова друштво соработувало со гостиварски „Комуналец“ за изградба на доводен водоснабдителен цевковод, за реновирање и адаптација на простории, за набавка на градежни материјали…
Сѐ на сѐ, пресметките покажуваат дека „Арт Линеа Дизајн“ од 2020 година досега склучила триесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 54 милиони денари или 880 илјади евра. Паралелно со тоа, се бележи висок раст во работењето и на оваа компанијата, која пред неколку години немала речиси никаква активност по што одеднаш регистрира висок обрт.
За илустрација, според финансиските извештаи, друштвото во 2016 година имало приходи од само 315 илјади денари додека во 2021 година остварила приходи од 9 милиони денари. Веќе следната 2022 година, пак, приходите пораснале на 25,5 милиони денари, што претставува раст за цело 160 отсто. Бездруго, тоа се должи (и) на договорите за јавна набавка, кои се најбројни и највредни во тој период.
Интересно е што откако компанијата почнала интензивно да добива тендери по промената на локалната власт, се случи промена и во сопственичката структура. Нејзин прв сопственик бил Насер Хоџа, кој е единствен сопственик сѐ до 2011 година, кога како малцински содружник влегува Исмаил Беџети. Лани во март, пак, Беџети станува единствен газда на „Арт Линеа Дизајн“, откако во 2019 година ја презел и позицијата управител.
Патем, „Фокус“ открива дека Хоџа и Беџети се доведуваат во врска со семејството Таравари и по друга линија.. Двајцата ги лоциравме на ист документ заедно со братучедот на Арбен Таравари – Лирим Таравари, кој е активен во градежниот бизнис. Според Централниот регистар, помалку познатиот Таравари ја поседува градежната компанија „Леарт Проект“, основана во далечната 1993 година.
Имено, за потребите на еден инвеститор „Леарт Проект“ во 2020 година изработил основен проект за објект за домување во станбени куќи, при што, покрај управителот Таравари, потпишани се и Хоџа и Беџети, кои во тоа време се сопственици на „Арт Линеа Дизајн“. Врз основа на тоа, произлегува дека двете компании и овие лица соработувале на овој проект.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.