Навивачите на фудбалскиот клуб Вардар, незадоволни од резултатите, организацијата и целосната катастрофална ситуација во која се наоѓа клубот, одлучија да се спротивстават, обединувајќи се во голем „НАРОДЕН ФРОНТ – ЗА ВАРДАР“.
Во соопштението испратено до јавноста од навивачката група велат „по финансискиот крах, клубот за време на изминатите две сезони беше целосно управуван од страна на здружението на навивачите, односно народот кој апсолутно даде поддршка на оваа приказни. Благодарение на нашата напорна работа, но и на помошта од страна на неколкуте Општини, како и на многуте компании кои ја видоа нашата искрена намера и се приклучија кон оваа борба, клубот успеа да опстои и по две сезони минати во Втората лига, да се врати во елитата“.
Навивачите информираат дека „По завршувањето на минатата сезона, беше постигнат договор помеѓу Здружението `35 години Вардарци`, односно ВД раководството на клубот составено од искрени вардарци и навивачи на овој клуб и новата сопственичка структура, на чело со Атилла Бижен Жалили“.
„Верувавме дека ваквиот расплет ќе донесе подобра иднина за клубот, финансиска стабилност и дека ќе се воспостави вистински правец по кој ќе се движи клубот, секако незанемарувајќи ги основните постулати на борбата `за клубот на народот` за која деноноќно, волонтерски се бореа искрените Вардарови навивачи. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, не само ние, туку и целата македонска јавност сведочи за катастрофалната ситуација, во која од ден на ден се повеќе тоне и клубот и приказната која со многу труд и љубов ја создаваа навивачите и народот“ велат „Комити“.
Според нив, „причината за катастрофалниот тек на сезоната ја гледаме во лошата кадровска политика, односно во неформалното раководството на клубот, на чело со Миленко Неделковски, кој заедно со својот тим, докажаа дека се во целост неспособни за да водат клуб каков што е големиот Вардар“.
„Поучени од искуството и минатото во кое во неколку наврати сме биле обвинети за виновници, кои не дозволиле влез на нови сопственички структури, овој пат одлучивме да дадеме време и можност, како што од нас побара и самиот инвеститор, иако уште на самиот почеток го потенциравме нашиот сомнеж во капацитет на предложеното раководство. Но, за жал, веќе е и повеќе од јасно дека е потребна промена ВЕДНАШ. Оваа агонија мора да заврши час поскоро, а за тоа да се случи, потребна е масовна мобилизација на сите Вардарови навивачи, симпатизери, на целокупната јавност која ја повикуваме да се приклучи кон оваа борба и да застане повторно во одбрана на клубот“ се вели меѓудругото во соопштението.
Утре на арената „Тодор Проески“ во Скопје, ќе се одигра 1/8 финалето од Купот на Македонија, помеѓу екипите на Вардар и ГФК Тиквеш од Кавадарци.
На овој натпревар, од западната трибина јасно и гласно ќе биде искажан ставот на навивачите, велат „Комити запад“.
„Упатуваме апел до сите, да дојдат и да бидат дел од НАРОДНИОТ ФРОНТ! Народен фронт за Вардар! Бараме одговорност, бараме професионализам! Бараме инвеститорот да го разреши постоечкото раководство и да постави вистински професионалци кои Вардар ги заслужува“ стои во соопштението.
Натпреварот ќе биде одигран во 14 часот.