Комитетот на министрите на Советот на Европа ги повика бугарските власти да дозволат регистрација на македонското малцинство во Бугарија.
Ова е содржано во Привремена резолуција којашто била донесена вчера на средба на замениците на министрите, а која се однесува на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права особено пресудата „Обединетата македонска организација Илинден и другите групи против Бугарија“. Во неа бугарските власти се повикуваат да овозможат секое ново барање за регистрација на „ОМО Илинден“ или здруженија слични на „ОМО Илинден“ да се разгледаат во целосна согласност со членот 11 од Конвенцијата, односно дозвола за нивна регистрација, јави дописникот на МИА.
Комитетот меѓу другото забележува дека, од 2006 година, „Обединетата македонска организација – Илинден“ не е во можност да има полза од процедурите за регистрација во согласност со Конвенцијата.
Тие ја истакнуваат обврската на секоја држава, согласно член 46 став 1 од Конвенцијата, да ги почитува конечните пресуди на Европскиот суд во секој случај во кој таа е странка, целосно, ефикасно, навремено и со добра волја.
Спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права за регистрацијата на македонските здруженија во Бугарија се најдоа и во резолуцијата на Европскиот парламент за која ќе се гласа на осми месецов.