И по укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците, соопшти Комитетот за финансиска стабилност.
– Финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на којшто секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина, констатира Комитетот за финансиска стабилност на денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност.
При разгледување на показателите за банкарскиот систем, во контекст на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје и ефектите врз системот, меѓу другото беа донесени неколку заклучоци.
– Со укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина. „Еуростандард банка“ АД Скопје имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3% од вкупната актива, 1,7% од вкупните депозити и 1,6% од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот.
Укинувањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“ АД Скопје не влијае на стабилноста на ниту еден сегмент на финансискиот систем.
Остварувањата на банкарскиот систем, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци, кога корона-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија.