Комисиска расправа за законот за реорганизација на владата

by Фокус

Нема анализа на законскиот предлог за реорганизација на владата и државната управа, нема образложение зошто системскиот закон невообичаено е ставен како итен, зошто се ограничуваат дискусиите – вакви забелешки изнесоа опозициските пратеници од СДСМ на комисиската расправаа која започна вечерва.

Седницата е прекината на половина час на барање на пратениците на СДСМ поради недоразбирање околу времетраењето за обраќање на пратеник, согласно новиот деловник на Собранието.

Фатмир Битиќи, вицепремиер и пратеник од СДСМ, зборуваше за предлог-законот изнесувајќи низа критики, меѓу кои и дека тој се носи без соодветна анализа и дебата, како и без објаснување како тој ќе ги смени животите на граѓаните. Според него, се зголемува бројот на министерства и другите органи, а со тоа администрацијата ќе стане поробусна и уште понеефикасна.

Тој обвини за недостаток на инклузивност поради фактот дека законот има само еден предлагач и во ситуација кога за носење на законот има потреба од двотретинско мнозинство. Изборните резултати, според Битиќи, не се трајна гаранција за легалитет.

Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов го опомена Битиќи дека го надминал времето за зборување, по што реагираше Славјанка Петровска од СДСМ и побара да се цитира член од новиот деловник во однос на времетраењето на дискусиите на пратениците.

Како заменик-координатор Битиќи побара половина час пауза, за што Пренџов се согласи, но побара и куса координација за да се надминат недоразбирањата.

Процедурална забелешка имаше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој кажа дека ќе се работи додека не се донесе предлог-законот и да го исполнат она што граѓаните го побарале од нив.

Пренџов на почетокот на седницата информираше дека за предлог законот бил поднесен еден амандман од Левица, кој бил одбиен како неуреден.

Претходно денеска Собранието ја изгласа потребата за носење на предлог законот за реорганизација на органите на државната управа, што претставува вовед во формирање на новата Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека сакаат брза реализација на ветувањето дадено пред изборите.

Поврзани новости