Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок со скопските градоначалници, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Се очекува, на состанокот да се дискутира за можноста локалните самоуправи да се вклучат во справувањето со корона вирусот.
– Мора на секое ниво да се јакне свеста за превенција од корона вирусот, објави на својот фејсбук профил, министерот за здравство Венко Филипче.
Повеќе од 40 големи кластери со корона вирус се регистрирани на територија на целата држава, а според надлежните, тоа е резултат на непочитување на мерките за лична заштита, дистанца и избегнување групирања и собири.
Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, во државава се потврдени 101 нов случај со Ковид-19, вкупно дијагностицирани се 5.106. Најмногу заразени се дијагностицирани во Скопје – 2.498, од кои најголем број 384 во oпштината Чаир. Бројот на активни случаи во градот изнесува 1.699.