Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи состанок, на кој ќе се разгледува состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот.
Актуелната состојба со пандемијата ќе биде тема и на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски. Тековната недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18.000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1.405 тестирања. Починаа 41 лице, а оздравени се 1.169 пациенти.
Според најавите, имунизацијата со 24.000 дози од вакцината „АстраЗенека“ што преку Ковакс механизмот стасаа викендот, треба да стартува утре со пријавените граѓани над 75 години. Здравствените власти тврдат дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со оваа вакцина и порачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што велат, ова е специфичен период.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека 20 000 граѓани кои се веќе пријавени на возраст над 75 години, во текот на денешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време да се јават на вакцинација.
Уверува дека за три месеци ќе има дози за ревакцинација, со оглед на најавите дека кон средината на април треба да стигнат уште 76.000 дози од „Астра Зенека“ преку Ковакс механимот.
Во болниците изминатата недела посебно и викендот исто така огромен број пациенти побарале болничка заштита или им била индицирана после направените прегледи.
– Во делот координација и консултација со сите директори на јавните здравствените установи каде се лекуваат пациенти од Ковид-19 направивме целосна реорганизација и на хирушките клиники и на Клиниката за педијатрија и сега имаме дополнителни стотина кревети празни во овој момент на Клиниката за урологија и два спрата на Клиниката за педијатрија каде може да се примат пациенти. Тоа е нешто што ќе биде резерва за овие следни денови, изјави Филипче.
Во болниците низ земјава хоспитализирани се 1537 ковид-пациенти и има околу 330 празни болнички кревети. На инфективните оддели во Скопје се лекуваат 869 лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19. Во ковид центрите во другите градови, пак, се лекуваат вкупно 704 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, најмногу во Куманово 143, Прилеп 112, Охрид 100 и во Битола 76.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава изнесува 127.240, на оздравени е 105.524, а на починати 3.716. Досега во земјава се направени вкупно 616.862 тестирања за Ковид-19.