Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека Комисијата за заразни болести утрово одржала состанок за барањата на Кризниот штаб на Општина Тетово, за учебната година таму да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците.
– Во координација сме со градоначалничката на Општина Тетово и ние и Министерството за здравство. Сабајлево се одржа состанок на Комисијата за заразни болести и веднаш штом добиеме инструкција или мислење од страна на Комисијата, понатаму ќе продолжиме во разговорите со Општина Тетово и секако дека сите одлуки мора да поминат и на Главниот координативен штаб на Владата и на владина седница. Затоа мислам дека се останато би било шпекулација. Во моментов е тоа, дека се разгледуваат нивните барања и се разговара на Комисијата за заразни болести, рече Царовска по посетата на Основното училиште „Дане Крапчев“ во скопската општина Гази Баба.