Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето по неколку неуспешни обиди, денеска се договори и го донесе Деловникот за работа. Најспорното прашање за тоа кој ќе одлучува доколку има изедначен број на гласови за и против, се реши со тоа што кога ќе дојде до ваква ситуација, ќе се закаже нова седница на која повторно ќе се гласа.
-Гласањето на претседателот е решено со двојно гласање. Во случај да дојде до нерешено или поделено гласање на членството на Комисијата, се закажува нова сесија на гласање со дополнителни консултации и усогласувања. Се става точката повторно на гласање, , а доколку не се успее да се постигне согласност, резултатите од второто гласање ќе бидат резултати кои ќе важат, објасни претседателот на Комисијата, Петре Шилегов.
Договорено е седниците на Комисијата да се пренесуваат во живо на Собранискиот канал, а емитување нема да има само доколку бидат повикани лица за сведоци кои би можеле да изнесат класифицирани информации или чувствителни безбедносни информации.