Откако беше утврдена од страна на Комисијата за селекција, ранг-листата на кандидати за претседател и членови на идниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска беше усвоена на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
За нова претседателка на ДКСК е предложена Татјана Димитровска, вработена во Државниот завод за ревизија. Таа беше прворангирана на листата, а од членовите на Комисијата за селекција доби 76 бода.
За членови на комисијата, пак, предложени се судијката Софија Спасова-Медарска, со освоени 75,86 бода, двајцата досегашни советници во ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев со 74,28 бода и Бесник Џемаиљи со 74,14 бода, ревизорите Зоран Богоевски со 73,57, Цвета Ристовска со 70,57 и Демири Сервет со освоени 67,28 бода.
Листата на кандидати сега ќе биде испратена до Собранието и се очекува да се најде на првата наредна пленарна седница, а за нејзино усвојување потребно е да гласаат 41 од вкупно 61 пратеник во парламентот, односно усвојување со просто мнозинство.
Ако Собранието не избере претседател и членови на Антикорупциската комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, не подоцна од рок од десет дена.
Мандатот на актуелниот состав на ДКСК истекува на 7 февруари, без право на реизбор или продолжување. Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари 2024 година.