Комисијата за дискриминација се правда: По претставката на Груевски постапувавме на стручен начин

by fokus

Комисијата за заштита од дискриминација реагира на критиките во јавноста предизвикани од последната одлука со која се утврдува дискриминација во судскиот процес против екс премиерот Никола Груевски, каде тој беше осуден на затворска казна. Комисијата се правда дека е составена од високо профилиран кадар и дека одлуката е законски донесена. Оваа одлука беше земена во предвид од унгарските служби во одлучувањето по барањето за азил.

„Во врска со некои тенденциозни и невистинити соопштенија на одредени здруженија на граѓани како и изјави на некои поединци,  кои се појавија во некои медиуми во однос на работата на  Комисијата за заштита од дискриминација,  должни сме да ја информираме јавноста дека истите претставуваат единствено уште еден обид да се дискредитира Комисијата и да се попречи  нејзиното стручно работење, но и да се изврши притисок врз оваа независна државна институција, која работи исклучиво според Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Истакнуваме дека  петмина од седумчлената Комисија се универзитетски професори и во своето досегашно работење Комисијата постапувала стручно и непристрасно, независно од основот и областа на дискриминација и независно од подносителот на претставката или против кого е поднесена. На ваков начин беше постапувано и во однос на претставката со архивски број 08-295/7 од 13.09.2018 година поднесена од страна на Никола Груевски, за која одредени медиуми покажаа интерес. Во конкретниот случај е донесено мислење во оптимален рок од два месеца и се запазени сите законски постапки и при одлучувањето се земени предвид  фактите и доказите доставени од двете страни и е постапувано по нив на стручен начин, како и во сите останати предмети.

Исто така, сакаме да ја информираме јавноста дека со предлог Законот за спречување и заштита од дискриминација се врши политички притисок врз телото за еднаквост во Република Македонија, бидејќи овој предлог Закон предвидува да престане мандатот на членовите на Комисијата со стапувањето во сила на Законот.

Европски стандард е телата за заштита од дискриминација да бидат ослободени  од притисок од страна на државните власти. Оваа одредба во предлог Законот ја квалификуваат за политички притисок и бараат да се избрише и Венецијанската комисија, Мрежата на телата за еднаквост во Европа и Генералниот директорат за проширување на Европската комисија“, велат од Комисијата за заштита од дискриминација

Поврзани новости