Комисијата за антидискриминација: Епископот Стобиски да се извини за вознемирувањето на трансродовите лица

by fokus

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека епископот Јаков Стобиски извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, бидејќи при јавните настапи епископот изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ-луѓето.

Комисијата му наложи на епископот да се извини јавно, а доколку тој не го стори тоа, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

-Преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн., Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство и создал непријателска и застрашувачка средина. Претставувајќи ја и зборувајќи за трансродовоста како за „епидемија на трансџендеризам“, „настраност“, „пореметување“ итн., тој тенденциозно, но и погрешно ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно. Дотолку повеќе, со ваквиот говор тој поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи, со тоа што предизвикал и охрабрил лавина реакции на социјалните мрежи во кои е содржан вознемирувачки говор кон ЛГБТИ-лицата“ – се вели во одлуката.

Комисијата исто така препорача епископот во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

 

Поврзани новости