Комисијата утврди дека обвинителката Ленче Ристоска била дискриминирана

by fokus

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека обвинителката Ленче Ристоска била дискриминирана при изборот на обвинители од страна на Советот на јавни обвинители. Ова обвинителката го соопшти на конференцијата што ја организираше Коалцијата „Сите за правично судење“ на која беа презентирани извештајот за работата на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, како и извештајот од набљудувањето на судските постапки.

Оваа одлука се уште не објавена на веб страницата на Комисијата за да се види образложението. Ристоска најави претставка до Комисијата кога по втор пат не беше избрана за обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје.

-Што се однесува до изјавите во кои околноста што користам породилно отсуство се врзува со подобноста за мој избор во Вишото јавно обвинителство Скопје, за истите ќе поднесам претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сепак не е прв пат да се соочувам со дискриминаторски изјави и затоа сметам дека треба заштитата на моите права да ја канализирам и институционално, изјави тогаш Ристоска.

Оваа изјава следуваше откако претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски во образложението за нејзниот неизбор го спомена нејзиното породилно отсуство.

-Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четирите години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотреба, рече Јолевски.

Инаку Ристоска јавно ја критикуваше работата на Советот и се најде на тапет на оваа инистуција која бараше Ристоска да одогвара за јавно искажаните ставови.

-Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргuвање со влијание, и сметам дека треба да се реформира. Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал, рече обвинителката, рече Ристоска на една панел дискусија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости