Комисијата утврди дека малата Ембла била дискриминирана

by fokus

Комисијата за заштита и спречување на дискриминација донесе мислење во кое утврдува дека малата Ембла од Гостивар била дискриминирана. Му даде рок на училиштето од 30 дена да ги спроведе дадените препораки или ќе биде покрената прекршочна постапка пред Суд.

Се утврдува сегрегација и исклучување врз основа на попреченост извршена од ООУ ‘Единство’ од Гостивар, извршена со неоправдано и нелегитимно физичко одделување на дискриминираната од останатите ученици во посебна просторија, изолирана од учениците без попреченост, по основ на нејзините посебни образовни потреби, што резултирало со исклучување, односно оневозможување на нејзиното право на пристап до образовниот процес врз еднаква основа со другите, стои во мислењето.

Комисијата утврдила и дека училиштето ја дискриминирало Ембла и со тоа што не обезбедило ресурсно-сензорна просторија опремена со соодветна асистивна технологија, што резултирало со оневозможување на пристап до образование врз еднаква основа со другите, по основ на попреченост и посебни образовни потреби.

Комисијата му препорачува на училиштето во рок од 30 дена:

-да обезбеди услови за непречено одвивање на образовниот процес на ученичката во иста паралелка со нејзините соученици.

-да изработи акциски план, одобрен од ресурсниот центар, во кој детално ќе бидат прецизирани мерките, активностите и роковите за обезбедување соодветна ресурсно-сензорна просторија

– да побара од Ресурсниот центар да одржи задолжителна обука на наставниците и стручните работници за инклузивните принципи и начинот на користењето на средствата на асистивна технологија

К.С.Б.

Поврзани новости